Тој – Таа: Средба – Светланка Ѓорѓиева

ТАА
Ноќта беше топла, есенска, воздухот свеж и остар што се вовира во ноздрите и го олеснува дишењето заради својата чистина, а сепак благоста на пријатната есенска толина ја омајуваше душата носејќи мириси на пријатни мигови.
Таа се движеше како некој благ ветар понесен од чудесната магија на ноќта, препуштена на некои мисли што ѝ ја преплавуваа душата. Косата веројатно ѝ била сплетена во текот на денот, но дали од немарност или небрежност, таа сега беше повеќе расплетена и размрсена – немирни прамени ги врамуваа косите очи на овалното лице. Се чинеше како лефтерно да ѝ се препушта на ноќта, но сепак погледот ја издаваше – бараше некого: се загледуваше наоколу, очите ѝ шаркаа по издолжените сенки на дрвјата и канделабрите по улиците. Изморена од таа игра на самата со себе, запре пред еден од оние бучни барови од каде излегуваа кикотливи девојки и без размислување и предрасуди за што било во таа омајна ноќ – влезе.

ТОЈ
Седеше на еден од барските високи столчиња на шанкот полека отпивајќи голтка по голтка од чашата виски и мраз што ѕвецкаше како стакленце. Погледнуваше на часовникот одвреме-навреме; можеби навистина го гледаше времето, можеби проверуваше дали му работи часовникот, можеби чекаше некој кој доцнеше.
Му вети дека ќе дојде и тој не сакаше ниту во размислувањата да даде поинаков тек на ноќта. Ќе дојде. Дури и да доцни еден час, нека се и повеќе. Ќе дојде и вечерва ниеден од нив двајцата нема да биде осамен. Ќе зборуваат – раните сами ќе се исцелат од разговорот, а потоа љубовта ќе ги затвори сите болни места и ќе донесе ведри мисли после смирувањето на дивите страсти. Ќе дојде, обично е така. Не, ја немаше.

ТАА
Се прашуваше дали нејзиниот непослушен брат би можел навистина да е толку дрзок и безобразен, што освен што решил да ја исплаши и малку да си поигрува со нејзината љубов, дали може да биде и толку дрзок и немарен за да може да влезе и во ваков еден локал. Веќе тоа би било премногу. А и таа не влезе овде да за да го бара – го бараше само низ улиците, а потоа сфати дека е изморена, а барањето залудно. Влезе тука… Не, не се влегува туку-така на пијачка, како што можат да прват мажите, но влезе ете, можеби од поривот да види како изгледаат тие мрачни места во кои им е забранет влезот на пристојните девојки. Да, па дури и на добро воспитани млади момчиња!
Мракот ја заплисна. Уште повеќе ја заслепе и бледата мижуркава светлина што пригушено светеше и постојано оддаваше впечаток дека секој миг ќе ја снема и таа прашинкава светлинка и дека местото ќе потоне во тотален мрак.
Како да знае што прави, а не знаеше, седна на едно барско столче на шанкот загледувајќи се сепак напред и напрегајќи си ги очите за да види појасно – дали сепак не би го видела непослушното момче со можеби уште некое друго од неговите обесенички другари исто така.

ТОЈ
Девојката седна до него без збор, а не го ни погледна, само ѕуреше напред како вкочанета, како изгубена и секако како некоја која не припаѓа да биде тука. Не само во барот – таа не припаѓаше ниту во средината. Малку распарталавена облека, несредена коса, бистри очи, сјај во очите и природно румени образи, со поглед кој испитува наоколу, таа секако не беше личност како од овој свет. Повеќе би се вклопила во приказната за Ханс и Грета отколку во еден ваков ноќен бар – сомничаво место, барем за во нејзините очи и светот од каде што доаѓа.
* Една боровница за девојката. И можеби… малку алкохол? Госпоѓице?
Таа не се помрдна, како да не ѝ се обратил нејзе. Тој се насмевна во себе: Па секако, таа не очекува некој да ѝ пријде, особено не така слободно како што го прави тоа тој сега. Таа, дури, и не го ни слуша – само гледа напред и вешто го сокрива погледот за да не ѝ се проѕре сета љубопитност во испитувањето од него. Пак се насмевна присеќавајќи се на своите први доаѓања во големите градови: збунет, исплашен, но и многу љубопитен!
ТАА
Тогаш некој викна силно до неа. Се чинеше како да сака да ја раздрма – можеби и неколку пати да беше викнал претходно. „Ох, зарем така ќе ме истераат оттука? Толку ли е очигледно дека сум на погрешно место во погрешно време?“

За вас млада дамо – зборуваше еден машки глас до неа.
Се сврте и го погледна. Не веруваше во судбина, ниту во моќта на еден единствен миг. Сè досега, можеби. Не, ниту сега, зашто немаше ништо необично што би можело да биде вредно да се дефинира како исклучително. Што има необично или исклучително во тоа некој да ти се обрати, за првпат, да следи некаков разговор и така да се убие дел од вечерта која и така била прилично измачувачка.
Па сепак… Тие длабоки очи и тој поглед… Имаше нешто и топло и скршено внатре, некоја тага која овој човек ја носи со себе од раѓање.
Ѝ подаде чаша сок – боровница: темен и ароматичен нектар како нивните души кои првпат се среќаваа и се мирисаа, се мешаа и се доближуваа – се слеваа една во друга без нивно одобрение.
ТОЈ
Непознатата беше заносна, неодолива во таа нејзина едноставност, обвиткана со мистичност. Имаше во неа и горделивост и покрај нејасната збунетост што ја правеше недофатна. Тој помисли дека мажите најверојатно мора да ѝ паѓаат на коленици: толку беше убава, а несвесна за тоа, исклучителна и доволно горделива за да одлучи кому ќе му подари делче од себе – па макар да е тоа и нејзиното внимание, како еве, да речеме сега, во овој миг.
Таа ја подзеде подадената чаша и се напи. Ѝ се допадна тоа и не се потруди да ја скрие насмевката што ѝ затрепери на лицето и со која ја осветли целата просторија! Боже, како ли е можно да ти се раздрма светот во еден миг со само една обична насмевка! Ова ли е тоа? За ова ли се вели „љубов на прв поглед“? Не, љубов, тоа е многу силен збор. Пресилен. Не, не се користи тоа така.
Можеби треба да се вика – привлечност. Нека е и магнет.
И тој знаеше – веќе ништо нема да биде исто од овој миг, од оваа ноќ кога оваа жена влезе во овој ноќен бар и во неговиот живот, кога ја отпи првата голтка од пијалокот што тој ѝ го подаде без да каже ниту збор, кога се насмевна, кога нему му се насмевна и кога запали факели во неговата душа!

ТАА
Иако ја учеа да не се доближува многу до непознати – не дека не требаше да разговара, оти секој кој влегува првпат во нашиот живот најнапред секако дека е непознат, но не требаше да дозволи преголемо доближување, сепак, ете, оваа ноќ таа беше го заборавила тоа правило, или едноставно беше решена, за миг да го положи оружјето, малку да се препушти на мигот, на ноќта и на овој непознат
човек кој со едно трепнување влезе подлабоко во нејзиното битие отколку други кои со години се доимаа блиски и познати.
Почувствува трпки во рацете, на врвовите од прстите и тоа ја вознемири – таквиот знак на нејзиното тело секогаш упатуваше на чувства – не на разумност. А, мораше да биде разумна. Секогаш и секаде. Особено сега кога треба да го најде тоа младо момче што веќе некое време ѝ ги кине нервите и ѝ задава грижи со своето однесување типично за еден непронајден адолесцент.

Благодарам – едноставно му рече на непознатиот.
Не сакаше поголемо приближување, но веќе немаше враќање назад. Веројатно еден обичен разговор нема да ја убие!

Чекавте ли некого? – праша како да ја поседува моќта на погодување.

Да, навистина е така – непознатиот и кога ќе се насмевнеше носеше тага во очите.
Тоа ја збунуваше и можеше да ја исплаши: збунувачкиот ефект не води на добро и треба да се држи настрана од него, од себеси, од сè.
Но, длабока е ноќта, темна и примамлива и не дозволува некој да диктира премногу.

Пријател?

Па, да бидам искрен, попрво би се рекло пријателка.
Некој невидлив црв ѝ го гризна крајчето на срцето, а таа си го гризна крајчето на усните. Не мора да се чувствува вака за еден сосем обичен непознат туѓинец, што ѝ е сега?
Ја стегна чашата посилно, со двете раце, како да сакаше со тоа да се заштити од некои бури што можеа да се кренат истиот миг, или како да сакаше да биде заштитена од сопствените непредвидени мисли и реакции.

Па… Ќе ми раскажете ли за неа?

Ах… нема што да се зборува. Не дојде, секој си има свои причини за своите постапки. А вие?

Го барав брат ми. Едно диво и многу непослушно момче. Не беше секогаш таков. Сега, претпоставувам дека е збунет од себеси и сè околу него, тоа е веројатно заради годините, но ете, мене ме загрижува, а обично не сум склона кон претерување. Па сепак…
Замолчеа и двајцата – како да им беше потребна пауза да земат здив од тоа што го кажаа двајцата – пред непознат, а сепак, иако обични, сепак толку лични елементи.
Да, имаше многу личен белег и силен, во овој навидум прост и едноставен разговор.

ТОЈ
Рацете му трепереа, како збунет исплашен тинејџер. Ете, токму како младото момче што таа го бара за да го најде и да го укори, ете така, баш така се чувствуваше сега тој. Сакаше да ја смири младата жена во нејзините растреперби, но најпрво мораше да ја смири сопствената возбуда, оваа раздрманост што веќе и физички почнуваше да биде видлива.
Неочекувано, тој ја положи својата силна машка дланка врз нејзината. Тоа го смири. Таа го погледна – не исплашено, туку збунето – секако дека не го очекуваше тоа, но тој препозна дека ова е тоа што ѝ треба – гест или знак со кој таа би знаела дека барем овој миг не е сама, освен тоа дека може да се чувствува заштитена. Дланките ѝ беа вкочанети, прстите студени и тој малку ги протри во своите раце. Прстите им се испреплетија. Тој гладно ја пиеше со погледот додека ја впиваше сета нестварност на мигот – нејзината збунетост, нејзината желба да остане така, а која сепак се косеше со желбата да побегне оти така не се прави, обично не се прави така при прва средба со некој туѓинец. Сплетени прсти. Врели погледи. Растреперени срца. Колкава може да биде тежината на магијата во еден таков миг на нестварност?

Вук – рече со длабок глас што доаѓаше некаде од длабочините на душата.

Мина – едвај чујно шепна таа.
Не ѝ ги пушти рацете. Нејзините дланки беа заробенички птици во неговите – силни, жилави, крупни машки раце. Допир. Допирот е можеби најсилно оружје во секоја борба, па дури и таа што ја води човек сам со себе. Да, тогаш дури и најмногу, највистински. Допир. Нејзиниот шепот кога си го кажа името – не, тоа не беше срамежливост, ниту исплашеност. Тој тивок шепот напротив ја содржеше сета нејзина храброст – да остане покрај него во тој миг.
Тоа беше миг на чуденка – двајцата застанати еден спроти друг во таа прелесна зачуденост. Тоа беше миг на восхит – едниот му се восхитува на другиот на неговата дрскост или храброст, на неговата вознемиреност прикриена со маска на присебност. Тоа беше миг на молчење во кое сè е содржано и сè е кажано, дури можеби однапред, без зборови, туку така, преку некои дамнешни мисли од некое пра-време во кое претходно им се беа сретнале душите.
Ја гледаше како да ја испива со погледот и како да сака да ја врами во себе таа нестварна слика во која стојат така еден спроти друг, двајца непознати, а со чувство на познатост – како да се барале долго време и конечно судбината решила да ги спои и да се најдат – токму сега, оваа ноќ, во овој загушлив ноќен бар додека всушност божем чекале и барале некој друг: таа својот брат, тој својата пријателка. Не, тоа сето беше божемно, непостоечко, доведено во приказната само за да биде сплет на околности кои ќе доведат до оваа средба и до ова познанство кое веројатно ќе биде најсудбоносното нешто во нивните животи и од кое ќе зависи понатаму целиот нивни живот.
Сè уште држејќи ѝ ги дланките во своите тој ѝ зборуваше за неговите пријатели, некои весели случки и настани, а таа ѕволиво се смееше. Тој ѝ ги раскажуваше сите тие нешта токму поради потребата што се роди во него – да ја насмее и да ја слуша мелодијата на нејзиниот глас, особено таа ѕвонлива весела смеа што ѝ се откинуваше од душата без да размислува за околината. Тоа го трогна. Впрочем, тој имаше чувство дека веќе е трогнат од сè што ќе речеше или направеше таа.

ТАА
Го остави да ѝ ги држи дланките и малку да си игра со нив дозволувајќи му на тој начин да ја заведува, дозволувајќи си и себеси да биде заведена. Го остави да зборува и да ја засмејува, се препушти на неговиот шарм, беше веќе неважно дали тој свесно или несвесно го прави тоа. Си дозволи да го потспушти штитот, да го положи оружјето, реши да не војува оваа ноќ со овој туѓинец, си дозволи да му покаже парче од душата токму на тој непознат човек, си дозволи да се чувствува слободна, макар за миг, да ги остави грижите и да се препушти на случајноста. И ете, тоа беше тој миг што магијата го искористи во своја полза – ја начека неспремна, плус обезоружана. И ете ја судбината – го зграпчи тој миг и засекогаш ѝ го преврте животот наопачки!

ТОЈ
Го дишеше истиот воздух со неа, таа се смееше на неговите шеги, тој го вдишуваше нејзиниот мирис на темни ноти. Беше наполно свесен дека таа му го раздрма светот уште невлезена во неговиот живот, но не сакаше да ѝ се опира на судбината и да се расправа со неа – нека му донесе сè што наумила, тој ќе го прифати како дар. А овој дар тука пред него беше бесценет камен, вистинско богатство, главна премија. Ја пиеше со погледот. Ја вдишуваше со ноздрите, го дишеше истиот воздух со неа и тоа беше како поклопување – природно и едноставно како вода и како оган.
Излегоа од мрачното место, ноќта ги заплисна со свеж здив. Се шетаа низ улиците, зборуваа, тој ја држеше за рака оти не смееше да дозволи да пропушти макар и ситно делче ниту миг од времето на таа случајна магија. Тој допир! И тие испреплетени прсти!
И кога стигнаа пред портите на нејзината куќа тој запре и се загледа во неа: „Боже, колку е убава!“ – си помисли и веќе знаеше дека мора да ја бакне, да ја почувствува, а потоа може и да се умре, зашто не вредеше претходно и живеачката и умирачката без да се доживее оваа ноќ и без да се почувствува седефот на нејзините меки, румени усни.

ТАА
Срамежливо го дигна погледот накај него, иако срамежливоста не беше дел од сета смелост на оваа ноќ и сите надминати граници на ограничувањата на душата дотогаш. Не ја потресе и не ја навреди неговиот допир на дланките во барот. Само се чувствуваше изненадено и збунето. И сега – не се чувствуваше непријатно од неговата желба и смелост да ја бакне. Не. Беше малку затекната – од него, од себеси, од нејзиното лесно предавање – како ли е можно сето ова, како е можно да биде толку лесно, едноставно и природно да му се препушта на овој непознат човек, да си дозволи толку слобода, а за сето тоа да не чувствува нелагодност, непријатност, напротив, душата да ѝ биде исолнета со чудесна топлина и многу, многу светлина!

ТОЈ
Ја бакна. Ги положи своите усни на нејзините. Ја бакнуваше. Во тој бакнеж беше вткаена сета волшебност на ноќта, на мигот, на времето воопшто. И тоа беше тоа: допир, бакнеж, нежност, сè и ништо, едноставна вистина на која не ѝе потребно ниту додавање ниту одземање, вистина од која не е можно да се побегне. Тоа беше тоа: признание на сетилата. Тоа беше тоа: тој ја посакуваше – силно, како маж што може да посакува жена. Не само нејзиното тело, тој беше од оние мажи што ќе сакаат сè – целосно предавање и без откажување, сè, безусловно сè. Тоа беше тоа: една ноќ, еден поглед, еден бакнеж, еден миг – и создавањето на нови галаксии беше веќе започнато!


Животот е полн со изненадувања, случајности, средби и разделби, полн со крстопати. Понекогаш ни дава избор, можеби и почесто, но некогаш не ни остава време и можност за размислување: некои нешта се такви какви што се; нема опции, нема откажувања и премислувања ниту враќање назад. И тогаш започнува Една Приказна. Има во приказната многу успеси и порази секако, што би биле сите успеси ако ги немало тие порази, какви би биле сите врвови освоени ако немало подножје, што би биле летовите и вивнувањата без сите паѓања. Но, приказната се расплетува и тече – дури и без наша волја некогаш, посилна од нас кога веќе секако ни го превртела еднаш животот наопачки.
И ете ги – фатени во тој бакнеж од кој започна сè – цела приказна и нова галаксија. Тоа е почеток, а нема ништо посјајно во меморијата и сетилата запишано од почетокот од првата средба и првиот бакнеж кога две души се сретнуваат и се предаваат, кога си ветуваат сè што можат душите да си кажат и ветат и без зборови и без разумност. Тогаш нема никакви знаци на разумност – тоа е сè уште можеби искричава фантазија, но тоа и не ја нарушува магијата.
И така – многу подоцна, во некоја многу далечна иднина од тој првичен миг на себеосознавање, тие двајцата ќе се сеќаваат на секој збор и секоја мисла и секое наежување на кожата од таа вечер. Многу подоцна тие ќе можат да си признаат дека знаеле, некаде длабоко во себе дека тоа е тоа: ниту сите војни и мразови и опирања и негирања не можеле ништо да сторат и да спречат да не се случи таа средба. Тоа било запишано – во ѕвездите и во длабочината на нивните души на кои им било судено да се бараат, да се најдат и да се надополнуваат: оти не би траеле толку време една без друга, оти тоа се вика и љубов и судбина и живот и вистина.

Автор: Светланка Ѓорѓиева

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.