Паднатиот – Марија Ралповска

Небото стануваше сè потемно и потемно, додека на крајот не стана црно.
И во еден момент светна. Лора се повлече чекор назад и погледна нагоре. Распарувајќи ги црните облаци, се создаде дупка од која продираше бела светлина кон земјата. По некоја секунда, со неа паѓаше и една црна точка. Лора подзамижа, обидувајќи се да гледа појасно. Кога точката ја допре полјанката, светлината и немирот околу неа исчезнаа, а небото се сталожи. Точката што падна од небото беше само… Момче. Беше полугол и бос, со една црна ткаенина префрлена на неговото рамо. Тој клечеше.
Грбот му беше гол и Лора можеше да се заколне дека виде огромни, црни крилја. Крилја, кои момент подоцна се распаднаа. Црните пердуви еден по еден се одделуваа и паѓаа кон земјата, претворајќи се во прав.

Тој ја крена главата и погледна во неа. Лора дури сега сфати дека растојанието беше пократко од замисленото. Беше на неколку чекори од него и ги забележа неговите темновиолетови очи. Имаше ангелско лице, но ѓаволски поглед кој беше вперен во неа, впивајќи ја. Ја преплавија возбуда и страв, но сепак љубопитноста беше посилна.

„Здраво. Јас сум Лора, мило ми е.“ Таа му ја подаде својата рака, но тој не ја прифати.

„Лора Мист?“

„Како го знаеш моето презиме?“ Таа го погледна зачудено, а тој ѝ возврати со некоја иронична насмевка.

„Не би требало да се врткаш околу непознати.“

„Но така се создаваат пријателства.“ Му одговори толку невино.

„Не би сакала да имаш некој како мене за пријател. Го забележа она пред малку?“

Лора климна потврдно со главата. „Дали си ти ангел?“

„Веќе паднат.“ Ја поправи тој.

Лора со неверување зјапаше во него. Сигурно сонуваше. Безброј мисли и прашања ѝ се вртеа во главата. Наеднаш едно чудно суштество ја турна на земја. Беше темносиво, високо околу еден метар. Имаше црни очи кои светкаа како џамлии, остри заби, големи шилести уши и долг нос. Ја држеше Лора за рамената и `ржеше кон неа.

„Хетер, доволно беше!“ Викна Ангелот.

Луто, но сепак покорно, суштеството за`ржа уште еднаш и се оддалечи од Лора. Тој го фати Хетер за рамо и го тргна настрана.

„Што бараш ти тука?“ Го праша.

„Не смееш да бидеш…“

„Знам!“ Го прекина тој. „Оди си.“

„Јас ќе си одам, но тие не.“ Рече Хетер. Ангелот испушти незадоволна воздишка.

Лора забележа еден црн пердув на земјата и го зеде в раце. Беше топол и мек. Го погали со прстот и тогаш сликата од полјанката се смени. Како низ магла ги гледаше Ангелот и Хетер како разговараат.

„Ова е девојката. Се вика Лора Мист.“ Рече Хетер. „Знаеш што треба да сториш.“ Ангелот го погледна Хетер со вџашеност. „Немаш друг избор. Мораш да ја платиш цената за она што го стори, Рафел.“

Потоа сликата исчезна.

Срцето на Лора чукаше како да сака да излета од своето место. Тој имал лоши намери. Затоа се однесуваше толку ладно кон неа. Лора со страв погледна кон далечината на полјанката каде што забележа суштества, слични на Хетер, кои доаѓаа кон нив. Рафел застана пред Лора и ги постави рацете околу неа, заштитнички. Таа сè уште не знаеше што се случува. Кој е всушност тој? И ако сака да ја повреди, зошто ја штити од нив? Дали љубоморно го сака целото задоволство само за себе?

„Предај ни ја девојката.“ Рече едно од суштествата.

Рафел одмавна со главата. Суштествата се погледнаа меѓу себе и потоа скокнаа кон Лора. Таа вресна и замижа, веќе целосно препуштајќи се. Откако го почувствува ветрот низ својата коса, колебливо ги отвори очите. Лора леташе над облаците во прегратката на Ангелот. Кога веќе беа далеку од видикот на суштествата, Рафел ја погали Лора по образот. Кога погледите им се сретнаа, моќна струја ги обележа и двајцата. Девојката што беше дел од неговото проклетство, сега стана негова судбина

Автор: Марија Ралповска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.