Приказната на Игор – Измама на осаменоста

Креветот на кој Игор се обидуваше да заспие, беше тврд. И оваа ноќ, како и сите други пред неа. Тоа можеше да значи дека и покрај двомесечните обиди, Игор се уште не беше навикнат на условите во кои сега требаше да живее или пак, дека тоа беше навистина тврд кревет, па дури и за во казнено-поправна установа.

Во почетокот, кога го донесоа во затворот, воопшто не помислуваше на удобноста на креветот, но како што одминуваше времето, стануваше свесен за тоа дека му е се потешко да пронајде положба во која ќе може да дојде до својот сон. Кога дојде, мислеше дека тука е крајот на таа сурова приказна која требаше да ја нарекува свој живот, но само по неколку дена, помисли дека неговото доаѓање во затворот, може да биде почеток на еден поинаков дел од приказната.

Кога навечер ќе легнеше во тврдиот кревет, вртејќи му грб на светот, со тоа што се вртеше со лицето кон ѕидот и кога ќе почнеше да чувствува дека сонот му е далеку, длабоко во себе знеше дека несоницата не доаѓа од тврдиот кревет, туку од неговата долго заборавена совест. Таквото сознание го плашеше, бидејќи она што луѓето го нарекуваат „ внатрешен глас “, нему му се прикажуваше во „слики“ и подлабоко го врежуваше, во неговото сеќавање, се она што Игор се трудеше да го заборави. Сликите го „напаѓаа“ во различни делови од денот, но најчесто ноќе, кога се обидуваше да се сокрие од сите, па дури и од самиот себе. Ги имаше многу и секојпат кога ќе се појавеа, будеа во него различни чувства, но прво што се јавуваше и последно што исчезнуваше беше каењето.

Во секоја од сликите, истргнато од неговите најрани сеќавања, стоеше неговото минато. Луѓе кои го сакале, нешта што требало, а не ги направил и дела кои го обвинуваа.

„ Ова не требаше да биде вака.“ – беше мислата која го натера Игор, на прагот на својата четириесет и трета година да свати дека ќе мора да го преиспита начинот на кој живеел дотогаш, ако сака, барем во една од сликите, да ја види својата иднина. Му беше јасно дека неговиот начин на живот бил сосема погрешен, но уште појасно му беше дека ќе мора да помине низ уште многу суровости, ако сака да го пронајде патот. Патот кој го нарекуваат вистински. Она што не го знаеше, беше како да го направи тоа.

Најпрво се обиде со игнорирање, но сликите стануваа сè почести. Потоа помисли дека, ако ги остави да доаѓаат, со текот на времето ќе се изморат и ќе исчезнат, но така тие стануваа сè појасни. Најпосле одлучи да се справува одделно, со секоја од нив, размислувајќи зошто воопшто се случило она што сликата го прикажуваше. Сепак, борбата не беше лесна. Најголем дел од времето трошеше на размислување за сликата, која најмногу го обвинуваше.

Се гледаше себе си како ѕверски удира по момче што можеше да му биде син, само заради тоа што момчето не можеше да го плати долгот што го направи, флајќи коцки со Игор. Набрзо момчето престана да дава отпор и лежеше облеано во крв. Токму во тој момент низ главата на Игор помина едно „ Што направив !?! “.

Којзнае колку пати во изминатите два месеца беше ја видел таа слика и којзнае по кој пат стануваше свесен дека, од моментот кога почна до удира по момчето па сè до пресудната мисла што го натера да запре, всушност тоа и не беше тој. Како тоа да беше најтемната страна што човек може да ја има и како да се обидуваше да се покаже со сета своја суровост. Што ќе се случеше, ако не запреше, не сакаше ни да помисли. И ова беше доволно лошо. Сирените на амбулантната и полициската кола не можеа да постигнат никаков ефект врз психата на Игор. Во дел од секундата тој ја сфати бизарноста на ситуацијата во која се најде,

„ Можеби го усмртив за пет илјади денари. Смешни пет илјади денари, не може ни патики да купи со нив.“ – беше единственото што допираше до неговиот разум и што целосно го парализираше.

Со денови потоа мислеше дека тука ќе го заврши сопственото живеење, но сега, после два месеца поминати во затворот, како сè да се вртеше во круг. Нештата што ги отфрлил му се враќаа назад, а многу од оние што се враќаа сакаше да ги отфрли уште подалеку од себе.

На моменти, наместо момчето, се гледаше себе си како ги фрла коцките. Тогаш имаше дваесет и седум години и беше на пат да стане татко за првпат во животот. Од самиот почеток на брачниот живот, она што му недостасуваше на Игор и неговото новоформирано семејство, беа средствата за живот.
Игор бараше работа, немајќи при тоа можност да избира што би работел, а што не, па токму тоа го доведе во друштво на луѓе кои знаеа да заработат и на друг начин. Начин кој беше полесен, но понесигурен и поопасен.
Некое време се двоумеше пред таквата понуда, а потоа помисли дека би можел да ја испорба среќата, колку да се увери себе си дека не му оди и да престане да размислува за тоа.
Се покажа дека коцките го „сакаат“, па не престана да ги фрла се до неговото доаѓање во затворот. Со текот на времето научи како да се снаоѓа во таа игра. Да се чува од опасните, но и да биде опасен кога тоа беше потребно.

„ Кој има среќа во коцката, нема во љубовта“ – беше изреката со која Игор се обидуваше да објасни што му се случува во животот. Неговиот прв брак траеше околу три години или поточно до оној ден, кога дојде дома и собирајќи ги сите пари што можеше да ги најде, ја скрши и касичката од синот за да ги земе оние неколку парички што беа внатре. Немајќи друг излез ги однесе и венчалните прстени. Тоа беше најголемиот долг што воопшто го направил, а сè до сега не беше ни свесен колку скапо го платил, бидејќи тој ден, покрај сè друго, го загуби и семејството.

Набрзо се најде во нова животна ситуација. Беше ослободен од обврските што ги носи семејството, она што го заработуваше го трошеше на себе и не помислуваше дека има потреба да ја прекине врската со коцките. Во играта, кога ќе почувствуваше дека губи, се повлекуваше смислувајќи разни изговори кои го вклучуваа синот, кој веќе долго не го видел, па беше прашање, дали детето ќе го препознае татко си, при случајна средба. Имаше и моменти кога Игор жалеше што не го побарал својот син толку долго, но веднаш потоа ќе помислеше „ Што добро би го научил јас? “ и ќе се вратеше на старите навики.

Сега колку и да претураше по „сликите“, не можеше да го долови ликот на својот син, а она што за него го помнеше му беше некако магловито. Го болеше тоа што во сеќавањето не можеше да ги пронајде оние неколку убави нешта што му се случиле во животот и да размислува за нив. Му се чинеше како животот да му се истркала, токму како коцките и сè уште не знаеше на која страна ќе застане. Овој пат друг ги фрлаше неговите коцки, а тој требаше да научи да живее со исходот.

Игор ги отвори очите и иако во темнината не можеше да се рече дека нешто воопшто гледа, знаеше дека пред него стои еден голем сив ѕид. „ Можеби сè би било полесно кога овој ѕид не би бил пред мене.“ – помисли и за првпат во тие два месеца се заврте на другата страна. Пред него сè уште беше темно, но кога очите му се навикнаа на темнината почна да ги распознава работите околу себе. „ Можеби во тоа се состои целата работа, да се завртиш на вистинската страна.“ – помисли и повторно ги затвори очите. Пред себе виде човек кој се враќа од работното место и остатокот од денот го поминува со својот син. Тоа како да беше знакот што го чекаше. Неговата страна кон која требаше да се сврти.

Промената на положбата во креветот, како да го предизвика сонот. Првпат после којзнае колку години, Игор заспа со надеж во срцето.

Автор: шифра – Измама на осаменоста

Advertisements

One comment

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.