За големите луѓе – Јована Јаневска

Големите луѓе не се оние кои говорат моќно.
Големите луѓе не се оние кои газат врз сопственото достоинство за да создадат контакти.
Големите луѓе нема да ги сретнете во толпата.
Големите луѓе никогаш не се вбројуваат себе си во големите луѓе.
Големите луѓе за себе сметаат дека се мали, сосем обични луѓе кои секојдневно се борат со себе, упорно обидувајќи се да не станат производ на општеството.
Големите луѓе имаат мала самодоверба. Цел живот се бараат во туѓите приказни каде се споредни ликови, во туѓото мислење за нив, во цинизмот и љубомората кои се сосем погодна почва за растот и развојот на луѓето-паразити. И како што ја пишувам својата животна филозофија, често се фаќам себе си како луѓето ги делам на луѓе-извори, луѓе-фенери, луѓе-паразити, луѓе-храмови.

Големите луѓе прават колекции од сопствените лузни, од сопствените разочарувања.
И никогаш не се бранат од истите.
Повторно душата ја отвараат како книга, свесни дека оние кои во разговорот ја читаат, не се достојни за истото, ниту пак ќе разберат. Нема да разберат што значи христијанска добрина и спокојна насмевка како возврат за ударот. Ќе гледаат само бенефит, поради кој и го одржуваат контактот со ваквиот тип на човек.
И како што пишуваше Фридрих Ниче:
“Порано стоејќи настрана, ваквиот човек во свеста на толпата станувал светец, денес пустиникот како да е опколен од темниот облак на сомнежот и презирот и тоа не само од страна на завидливците и бедниците, дури и во било која добронамерност која ќе ја искуси, мора да почувствува погрешно разбирање, занемарување и површност. Тој ја препознава подлоста на ограниченото размислување, кое се смета за добро и свето, кое се обидува да го спаси и од самиот него. На пример со помош на удобни позиции во среќното и безбедно општество, дури тој ќе мора да се восхитува на неговиот уништивачки нагон со кој просечните му се нафрлиле и тоа во најискрено убедување дека имаат право. На луѓето со таква несфатлива самотија им е потребно кревко и смело да се завиткаат во превезот на надворешната просторна самотија. Тоа спаѓа во нивната мудрост. Дури и лукавството и маскирањето се неопходни да се одржи во живот таквиот човек, да се одржи на површината покрај сите современи водовртежи кои упорно го влечат надолу.”

Големите луѓе се раздаваат себе си. Верувајќи во сонот кој ни самите не го гледаат јасно, се раздаваат, знаејќи дека се извори на енергија, дека се спроводници на универзалната струја.
Се раздаваат себе си иако како што пишал Чехов: “Не можеш да очекуваш од калта да не биде кал”, убедени дека можат да го извлечат подоброто од соговорникот, пријателот, познаникот. И често грешат. И често биваат поврдувани од истите мали луѓе. Велам мали луѓе, затоа што голем си онолку колку што можеш да ја почувствуваш туѓата болка, добронамерност и чест. Велам мали луѓе затоа што во секоја мисла прво ја здогледуваат сопствената корист, мислејќи дека така се расте, така се работи на себе. И грешат.

Можеш соништата да ги раскажеш пред секој, но разбран ќе бидеш само од друг сонувач. Залудно е да се трошиш себе си пред човек кој живее следејќи туѓи мапи и изодени патишта. Истите луѓе ги нареков луѓе-крадци. Црпејќи од водата на луѓето-извори, сметаат дека ќе ја угасат желбата за моќ и сопствен идентитет. По пат заматувајќи ја водата, потсвесно се трудат да го запушат изворот, да нудат вода на жедните која не е нивна. Но животот на таквите луѓе поминува во сенка. Сонувачот сонува, додека другите упорно трчаат во трката за позиција и просечен, едноличен, гнасен малограѓански живот.

Големите луѓе најчесто биваат уништени токму од малите луѓе. Правејќи го сопствениот дух закачалка за комплексите, злобата, користољубивоста и тесната душа на малите-луѓе, тие ронат делови од сопствената верба во општеството. Простодушно давајќи го дарот на тацна, ја живеат болката од сопствената осаменост, несфатеност и на крајот непосакуваност во друштвото. Живеејќи го својот благослов со клетва, живеејќи без можноста да ја почувствуваат искрената љубов која несебично ја даруваат и на уличниот пес, додека со влажно марамче му ја бришат главата од калта, тие полека ја завиткуваат својата чувствителност во гордост, за да се спасат од пропаста која го демне секое човечко суштество, предолго оставено на разумот и емпатијата.

Автор: Јована Јаневска

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.