Ќерката на 10 декември – Денис Бојаров

Десетти декември, две илјади и петнаесетта. Светскиот ден се обидуваше да го обои сивилото на скопскиот небосвод. Сонцето се мачеше да се доближи до црвените од студ обравчиња на петгодишната Мелек. Не беше доволно што мајка ѝ деноноќно ја вардеше од небеса. Не беше доволно што и секојдневно чесно заработуваше за нечесниот ѝ очув. Ако заработеше само за да го затопли неговото пцовисано грло – тој, за памет, ја оставаше да спие со ветерот.

Попладне. Мелек има продадено само пет пакетчиња паломи. Тоа се педесет денари. Додека ѝ треперат рацете, нејзиното лице се облева во крв од страв дека нејзиниот очув нема да може да ги празнува белите дробови со црнила. Нозете од маса до маса ѝ се пресекуваат, но таа упорно продолжува да им ја подарува насмевката на намуртените чичковци и тетки. Часот наближува до шест попладне. Таа веќе неколкупати талка по кафеаните, небаре Скопје е родното село на мајка ѝ. Нозете ја изневеруваат, масите не ја сакаат… снагата ѝ попушта. Во рацете како да држи модри сливи наместо паломи. Цревата ѝ рикаат, но не смее ни да помисли да купи храна. И денеска, одејќи накај дома, ќе ги исчисти контејнерите од недојадените хамбургери од Седмица.

Во Седмица. Годината е гладна, контејнерите полни со салфетки. Очите ѝ се забрануваат… Липа ли липа од немаштија. Однатре ја забележуваат будните очи на еден младич без родители. Спомените го влечат надвор, а совеста негова ја зема внатре и ѝ ја сити душата со најубави јадења. Му се полнат очите со среќа додека ја набљудува својата сенка од минатото. Загоени стануваат и рака под рака се упатуваат кон ГТЦ. Тука ќе ѝ го вратат летото, барајќи ѝ палто што ќе ја потсетува на сонцето. Таа не се двоуми многу и го одбира долгото жолтеникаво палто со црни точки. На излезот од бутикот, младичот ѝ ги купува сите пакетчиња паломи, ја прегрнува, ја бакнува во образ и ја испраќа до подвижните скали. Таа му се беси на вратот, не сакајќи да се раздели од него. Му мавта и му испраќа топли бакнежи, а тој ѝ ветува дека наскоро повторно ќе се видат.

На пат е кон дома. Очувот ѝ ја пресретнува на мостот кај Железничка. Не ја ни забележува илјадарката заслепен од топлината на палтото. Незадоволен од нејзиниот одговор, го кине палтото од неа мислејќи дека го купила со спечалените пари. Ѝ удира душманска шлаканица, а таа паѓа по скалите и губи свест.

Лекарите во Државна се плашат од најлошото. Единствено срцето ѝ работи. Во весниците никнуваат наслови: „Петгодишно дете се бори за својот живот“, „Последни здивови на претепано петгодишно девојче“, „Девојче со Даунов синдром претепано од очувот за едно палто“.

Македонија не може да се соземе. Плач во секое семејство. Трети ден, а сѐ уште не престануваат да стигнуваат палтиња подароци за малата Мелек. Во цел ГТЦ нема толку палтиња. Фејсбук се претвори во црква за молитви за Мелек.Седми ден. Лекарите повторно даваат сѐ од себе. Му се молат и на Бога. Интервенцијата завршува. Очувот на Мелек им се придружува на новинарите надвор, со натпис во рака: „Се подаруваат палтиња за петгодишни девојчиња. Досега неносени“.


Автор: Денис Бојаров

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.