Синот Божји кој никогаш нема да биде заборавен

Поминаа 11 години откако ја чувме трагичната вест која никој не посакуваше да ја чуе, веста која на сите ни го промени тој кобен Вторник. И денес е Вторник, но поразличен од тој тогашен, таму некаде кога ударна вест беше сообраќајната несреќа во која ти беше дел… Не постои еден, а да не се сеќава на тој ден, на тоа што правел кога ја чул веста, кој му ја пренесол, што се случувало пред и после дознавањето на лошата вест.

phpthumb_generated_thumbnailjpg-486За мене лично знам дека бев во основно школо, поточно втора смена и дознав нормално пред да одам на училиште.
Како сега паметам што носев и што чувствував во текот на целиот ден кога со група деца самоиницијативно од училиште тргнавме да запалиме свеќа на плоштад. На училиште пак, сите наставници беа потресени од веста и на тој ден ниеден час не беше вистински час. Почнуваше со една минута молк и после останатите 40 минути беа „тепање“ на време зошто никому не му беше дојдено ниту до предавање, ниту до слушање.

Тогаш немаше интернет, јас со неговите песни се запознав преку радио и преку касетата од неговиот албум што татко ми ја имаше купено во тоа време.

Неколку месеци по ред, додека патуваме со татко ми на релација Кичево-Охрид, секогаш во кола ни беше пуштен на касета првиот албум на Тоше, а ние во дует си ги пеевме неговите песни. И така во двата правци додека да се „свртат“ сите песни, и одново пак. Немаше песна што не ја знаев напамет, а текстовите и од првиот и од сите следни албуми, ќе ми бидат секогаш врежани во сеќавање.
Иако не успеав да му појдам на ниту еден концерт, дома си правев концерти со неговите песни, прво на касетофон, а после тоа си прерасна во „традиција“ секогаш кога ќе имам потреба барем еднаш во месецот пуштам негова „плејлиста“ и тоа ми е „Тоше ден“ или „Тоше вечер“ во зависност од тоа дали слушам преку ден или навечер. Овие две „приказни“ кои се премногу лични и интимни ми се најмногу драги, но решив да ги споделам и со вас јавно.

Кој „Магија“ ли прати тебе да те земе и твојот живот кој беше „Игри без граници“ да го скрати, во „Собата за тага“ седиме во тишина и чекаме да се појавиш ти „Синот Божји“ кој ќе ни го избрка „Немирот“, за да ни речеш „Ех, да сум злато“, а ние посакуваме да те видиме барем уште еднаш затоа што вредеше како човек повеќе и од најскапото злато на светов. Ти беше амбасадор на љубовта, хуманитарец, верник и љубител на човечкиот род.
Твоето „Ве сакам, сите“ сите секогаш ме наежува кога ќе го чујам во некоја песна или снимка од твој настап или концерт.
Да беше жив многу работи ќе беа поинакви, но затоа сега „По тебе“ ќе живее вечно сето она што ни го остави како подарок и сведоштво за тоа што си и ќе бидеш вонвременски. Еднаш некој рече ти имаш само датум на раѓање, ти почина без вистински да умреш. 

Ех, тој Тоше, ех тој Тоше, имаше една детска песничка што многу ја сакав како мала. Песната не беше твоја, но Ти ќе бидеш вечен како секоја твоја песна, како секој жив спомен кој си ни го оставил на сите со некоја постапка, со стих, со гест, со музика, со свирење. Среќници се тие што имаа чест да те познаваат лично, а јас слушајќи те низ годините имам чувство како да сум те познавала. Твојот глас би го распознала меѓу илјада други. Ах, камо да можеше да се вратиш и некој да речеше дека изминативе години колку што те немаше биле само една лага.

Ние мора да живееме со вистината, а ти живееш меѓу Ангелите горе на небото и меѓу сите кои вистински те почитуваа и сакаа тука долу на земјата.

Ти си жив, во секој дел од твојата куќа каде си одмарал, јадел, пиел, пеел, во секој агол од твоето родно Крушево, во секое музичко студио и микрофон кој го впивал твојот здив, меѓу најблиските, пријателите и обожавателите. А, да знаеш дека нив ги има во огромен број што значи ти ќе живееш вечно.

Еден ден ќе ти се придружиме, и заедно пак ќе ги пееме твоите песни.
Еден си ти, Тодор Проески. Еден и ќе останеш засекогаш, во нашите срца.

Advertisements

2 comments

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.