Помина еден месец откако ја напишав последната колумна. Секогаш кога одлучувам да пишувам текст од овој вид гледам да бидам силно поттикната затоа што мислам дека баш тогаш имам најмногу да кажам, а кажаното навистина да вреди.

И сега го доживувам токму тој момент кога имам силна потреба да ги напишам овие редови, кои продираат длабоко во мене и врескаат да бидат ослободени…

Додека зборовите се трудат да си го најдат нивниот вистински пат јас ќе го кажам главното што е поврзано со самиот наслов: зошто ја „одбрав“ смелоста или таа мене сеедно, што всушност значи тоа да одбереш смелост? Прво, не може да се одбере како кога во супермаркетот од рафтот наместо сосот од кари го одбираме доматниот, а второ процесот на самото нејзино стекнување е долготраен и доколку го изразуваме квантитативно може да се спореди со одење во супермаркет секојдневно минимум пет години.

Смелоста како карактеристика или особина на еден зборува многу за него.
Затоа што насловот ми е во прво лице, ќе продолжам да зборувам во таа насока.
Кога би одлучувала која придавка меѓу другите би ме опишала, смелоста е таа која ми паѓа прва на памет. Споредбата која сосема спонтано ја смислив – со одбирање меѓу два вида на сос не ја посочив случајно. Или во превод тоа би значело дека секогаш во животот ние сме пред некаква одлука и секогаш сме на некој начин „присилени“ да направиме избор. Присилувањето не произлегува од тоа дека некој не тера со сила за изборот да мора да биде направен (генерално за било што) туку самите си го правиме тоа ограничување. Од наједноставните избори како на пример која паста за заби ќе ја користиме следно или кои алишта ќе ги облечеме следното утро до многу посложени и животно важни избори кои многупати знаат да нѐ измачуваат и да ни предизвикаат несоници, ние учиме многу. Учиме кои избори ни биле погрешни, а кои биле правилни. Од тие погрешните учиме, а правилните ни носат позитивни исходи. Некогаш правиме и повеќе од еден погрешен избор, но и таквите нѐ водат до правилниот пат доколку не се откажеме!
Ги одбрав овие најпрости примери за да можам сликовито да ги поткрепам зборовите. И кога сме кај тоа зошто ја одбрав смелоста, конечно ќе кажам и признам дека ми беа потребни многу години за прво да ја стекнам, а потоа да ја негувам.

Со текот на годините и искуството кое се стекнува како што поминуваат деновите, месеците, часовите, сфаќате дека вие станувате поинаков човек. Од минута во минута ние се менуваме, како што се менува и времето во текот на еден ден. Денес на пример, времето е тмурно, облачно, ладно и во никој случај не те повикува да излезеш надвор и да уживаш во него затоа што му фали сонце. Потоа малку заврна, па се расчистија облаците и сега повторно е облачно. Мојата смелост растеше на сличен начин како примерот со времето. Во еден момент ја имав, потоа знаеше да исчезне во клучни моменти, некогаш се појавуваше прекасно, а некогаш ја имав во доволна мера и пак не ја користев.

Сега повеќе не е така, затоа велам дека луѓето се менуваат. Со сигурност го тврдам тоа. Ако некогаш бев тотална спротивност од „смела“, денес тоа не е така. Сега научив дека смелоста не смее да биде изгубена, не за џабе ме одбрала.  🙂

Сега научив дека смелоста е секогаш во мене дури и кога мислам дека ја немам. Еве ќе ви кажам пример: од моментот кога одлучив да го водам блогов, следено со сите одлуки кои ги донесов после тоа до денешен ден кога после 4 години уште го правам истото сфатив дека смелоста кај мене само растела. Не велам дека сега секој треба да креира блог и дека мојата смелост растела само благодарение на посветеноста тука или дека тоа е „магичното“ решение за да се стане смел, но тврдам дека секој треба да си го најде изворот на внатрешно задоволство, својата пасија, нешто кое ќе го поткрева и ќе го прави тоа со уживање за да може да ја јакне првенствено својата личност, а со тоа и сите одлики, карактеристики, особини, црти и останати компоненти кои ја комплетираат сликата за здрава личност и нејзин нагорен развој.

Не се плашам од негативна критика, не се плашам да бидам „оценувана“ и поради тие причини не треба да размислам три пати дали она што мислам дека треба да го споделам, одлучувам да го споделам овде. Смелоста изгледа дека правопропорционално е поврзана и со самодовербата, колку е твојата самодоверба повисока, толку стануваш посмел. Зошто? Тргнувајќи од мојот пример, колку сум посигурна во себе и во тоа што сум го напишала толку имам смелост да го објавам. А, сето тоа се поврзува со недостатокот од страв или од негрижата ако биде исмејувано.
Никогаш не ми било проблем од тоа „како ќе биде разбрано“ или „ако го коментираат зајадливо“, најверојатно затоа и константноста во објавување само растела (тоа и статистиката од самиот блог го покажува).
Ниеден негативен коментар, критика ниту оцена, забелешка или било што би се обидело да влијае врз мојата посветеност кон нешто (генерално) никогаш нема да дозволам да ми го попречи остварувањето на мојата цел.

И земено глобално во животов, не само поврзано со пишување или со хоби (пасија, професија, занимација), поврзано со све што правиме, треба да бидеме сигурни во себе и во тоа што сме одлучиле дека ќе го правиме и доволно храбри да се соочиме со сите препреки кои ќе се појават.

А, поврзано со моето пишување, знам дека секому не може да се допадне. И тоа е сосема во ред. Воопшто не ми пречи доколку мојот стил на пишување некому не му одговара. Постои едноставно решение: не ме читај, не ме следи на социјални мрежи, не го отворај мојот блог, не ги слушај рециталите и решен проблем.

Ова не ви го пишувам затоа што некој коментирал негативно за моето „блогирање“, но тргната од идејата да напишам кратка колумна, ова испадна исповед која изгледа сакала да излезе на површина. И некако совршено се вклопи зошто и тоа се смета за смелост кога одлучуваш да ги искажеш своите најдлабоки мисли поврзани со сопствената страст, со нешто кое те прави жив.

Секоја моја мисла, секое дело кое е плод на моите мисли не е секогаш запишано и објавено, но добар дел од моите мисли се наоѓаат на оваа страна. Останатите си го наоѓаат местото во дневникот. А, тие кои допрва следуваат и сметам дека и друг треба да ги прочита, со задоволство ќе ги напишам и несебично споделам.

За да не испадне роман од колумнава, сметам дека овде некаде би требало да биде завршетокот. Да не заминам во друга насока, доволно сум смела сега откако ќе го зачувам документов да му го најдам местото во категоријата каде што ќе го прочитате и вие. А, смелоста ги одбира храбрите и оние кои одлучуваат истата да ја користат во позитивни насоки. Одбирам да бидам и останам смела, затоа што и смелоста ме одбира мене.

organizational-courage

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s