Доста време помина откако се преселија во нивниот нов дом.
Доволно долго за да се зближат и барем кај детето да се развие чувство дека го знае Ветерот отсекогаш. Од друга страна пак, Ветерот беше задоволен што можеше да му помогне зошто го исполни главниот дел од мисијата. Доколку не му помогнеше нему, ќе требаше да чека некоја друга прилика за да може да му излезе во пресрет некому друг, а тоа можеше и да потрае.
***
Кога Ветерот се пробуди забележа дека е сосема сам во собата. Стана за да го бара Детето кое спокојно си седеше во кујната и ја разлистуваше книгата со рецепти радувајќи се на сликите со храна кои изгледаа премногу вкусно. Не знаеше да чита, ниту да пишува иако следната година веќе требаше да тргна на училиште. За тоа Ветерот ќе најде начин да се погрижи, и затоа сакаше да разговараат.

„Дојди, имам нешто да ти покажам“, му рече Ветерот упатувајќи го во другата соба. Претходно излезе да провери во сандачето, и покрај писмото со потребната сума пари за тековниот ден, пронајде уште едно ливче со следна „насока“. На ливчето пишуваше „Насока број 4. Оваа е последната која ќе ја добиеш за овој дел од твоето патување. Имаш точно уште 10 дена за да постапиш како што мислиш секако според правилата, ние не можеме да знаеме што точно се случувало додека не нѐ известиш, но мора да ги решиш сите проблеми доколку постојат. Едно од правилата гласеше: „На човекот што ќе му помогнеш, мора да му се промени животот на некаков начин, а доколку комисијата оцени дека навистина си одбрал вистинска личност, пред твоето заминување ќе постапи според начелата и сите права и предности кои ги стекнал човекот, нема да ги изгуби. Дури и ќе биде во уште поголема предност, зошто бил избран од Ветерот.“
Друго од правилата викаше: „Никогаш не смееш да кажеш дека не си вистински човек, ниту дека си дел од некоја мисија или експеримент“. Третото правило се повикуваше на следново: „Пред да појдеш на второто патување мора да смислиш начин да објасниш дека нема никогаш да се вратиш без да спомнуваш други планети“. Понатаму на ливчето во насоката под број 4 пишуваше: „Биди јасен и убедлив, но немој да ја доведеш личноста во конфузија. Би требало да се снајдеш, и после 10 дена во сандачето ќе ти стигне писмо со насока каде треба да се упатиш за да го продолжиш патувањето. Искористи ги мудро преостанатите 10 дена.“
Кога влегоа во другата соба, Ветерот покажа со прстот кон една дрвена кутија.

Кутијата му припаѓаше на претходниот сопственик на куќата, но после неговата смрт, таа остана тука. Во кутијата имаше спомени во вид на стари фотографии, некои клучеви за кои никој немаше идеја каде припаѓаат и стари писма кои Детето сега не можеше да ги прочита. „ Што има во неа?“, праша Детето. Ветерот кој претходно ја беше отворил, му рече да ја отвори. Детето го послуша.
Кога погледна што има внатре, праша за што служи сето тоа. Првпат во животот гледаше фотографии, а луѓето на нив му беа далечни и непознати, не знаеше каде можат да бидат употребени клучевите, а писмата не можеше да ги разбере. „Кои се овие луѓе?“ праша зачудено и изненадено од предметите. Ветерот како со нетрпение да го очекуваше ова прашање, му се насмевна и со насолзени очи му одговори: „Мило дете, овие предмети поконкретно фотографии се сведоштво за постоењето на едно друго време, време во кое живееле овие луѓе на самите фотографии за кои се интересираш. Ни јас не знам кои се, најверојатно се поврзани со претходните сопственици на куќава, можеби и некој од нив, но тоа не е важно. Многу поважно е тоа што ти имаш можност да се запознаеш со фактот дека пред нас живееле многу луѓе кои повеќе ги нема, дека постоеле други периоди многу години пред да се родиме, и дека сето тоа можело да биде документирано и ние да имаме прилика да ѕирнеме во друго време макар и преку слика. Преку замрзнати изрази на лица кои покажуваат среќа, а некои и тага како што гледаш на сликава. Можеш да забележиш дека сите лица на фотографијава не се насмевнати, а зошто е тоа така, можеме само да претпоставуваме. Додека кога писмата се во прашање, те советувам да ги зачуваш и кога ќе научиш да читаш да ги прочиташ сите. Можеби така подобро ќе се запознаеш со сопствениците. Јас не ги прочитав, зошто сметам дека немам право да навлегувам во туѓа приватност дури и после толку време. Но, ти ќе имаш потполно право затоа што најверојатно ќе станеш наследник на куќава. Така, ќе можеш да ѕирнеш во пишаните зборови на тие што претходно живееле овде токму во овие простории.
„А, што значи наследник?“, прашално му се обрати Детето. Ветерот за миг заборави дека не разговара со возрасен, па не му текна дека треба да му објасни со поедноставни зборови. „Тоа значи дека кога јас ќе заминам на пат, ти ќе останеш да живееш во куќава, и таа ќе биде на твое име, односно ќе биде твоја. Исто како да ти ја оставиле твоите родители.“, му рече.
„Навистина?“, праша Детето. „Секако, меѓутоа ќе мораме да најдеме некој кој ќе сака да живее со тебе, зошто премногу си мал за да живееш сам“, решително му рече Ветерот. „Но, зарем ти нема да се вратиш од твоето патување?“, натажено праша Детето и додаде: „Земи ме и мене со тебе, па заедно ќе се вратиме!“
„Нема да се вратам и нема да можам да те земам. Морам да одам сам. Уште десет дена и јас ќе треба да тргнам на мојот пат, не ме прашувај каде ќе одам зошто и јас не знам, но знам дека ќе ми биде добро. Мора да заминам затоа што сум многу потребен таму каде што треба да појдам. Знам дека ти ќе се снајдеш и без мене, ти си паметно момче. Меѓутоа, никогаш немој да помислиш да ме бараш, зошто јас сум веќе стар и моето време е избројано, немој да си го трошиш времето барајќи ме. Вети ми дека ќе направиш како што ти велам.“, му рече Ветерот.
Детето се натажи и беше пред плачење, но мудро постапи: го фати Ветерот за рака и му рече: „Ти ветувам драг дедо. Нема да те барам, те разбирам дека мора да заминеш, но ти ветувам и уште нешто. Дека со секое дување на ветерот и нишањето на прозорците мене ќе ми текнува на тебе и ќе посакувам да си до мене за да не ми биде страв, со секое нишање на дрвјата и на секоја клупа на паркот на која ќе седнам јас ќе се сеќавам на тебе. Не го заборавај тоа.“
Ветерот се наежи од овие зборови, баш како што му прилега на човек кој е трогнат од емоциите и од настанот. Не можеше да најде соодветни зборови кои би требало да ги изговори. И најпосле рече: „Нема да заборавам. Ајде сега да ги искористиме следниве десет дена најдобро што знаеме.“

(продолжува)Патувањата на големиот Ветер (корица1)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s