Таткото на Франческа е познат сликар во Амстердам, забрзан град и пристаниште; исто така е и коцкар. Иако семејството има финансиски проблеми, лекциите кои Франческа ги научила во ателјето на татко си, ја подготвиле за школувањето кај делфтскиот сликар Јоханес Вермер.
Животот на Франческа не е воопшто лесен, како и на нејзините сестри, уште од самиот почеток кога ја губат мајката, и кога таа мора да се соочува со несреќните околности и подоцна тешките правила кои мора да ги почитува, а ѝ се наметнати без нејзина волја.
Покрај договорот кој го потпишуваат татко ѝ кој е принуден и нема друг избор и злобниот Лудолф (покровителот на татко ѝ) без нејзино знаење, дополнителни тешкотии ќе ѝ предизвика и жената кај која ќе биде сместена за време на школувањето.
Почетокот на војната, мачниот живот во 16 век, нејзината огромна желба да слика, вљубувањето во Петар кој ќе ѝ ја возврати љубовта ѝ ја враќаат вербата во животот и потребната сила за да премине преку сите препреки.
Со силен став, одлучност, решителност, но и спремност да се спротивстави и да се бори лавовски, ќе го задржи тоа низ целиот роман и на крајот нејзината храброст и бунтовност ќе ѝ донесат слобода, за која долго мечтаеше.

Коцкање, запаѓање во коцкарски долгови, опивање до касно и враќање дома во пијана состојба, сликарство, љубов, семејни односи, злосторства, неправди, музика, уметност, политички сплетки, шпиони и убавината и несреќата се испреплетуваат низ страниците на оваа прекрасна приказна на Розалинд Лејкер.
Книга во која ќе потонеш додека ја впиваш секоја нејзина реченица, книга која нема да те остави рамнодушен, книга која нема да сакаш да ја завршиш.
Со оживувањето на периодите од холандската историја писателката совршено добро ја постигнала својата цел, ни ја доближила Холандија на еден поинаков начин, запознавајќи нè со неа од уметнички агол, чии сцени и слики ќе ги паметиме долго време.
И за крај да не ја заборавиме „Лаломанијата“ и симболичното значење на лалето во секоја слика на Франческа.
Топло ја препорачувам, зошто сите чувства погоре опишани јас длабоко ги доживеав.