Првиот број на „Издаваштво: списание за промоција на издавачката дејност во Република Македонија“ деновиве излезе од печат во издание на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Според издавачот, во списанието, кое ќе излегува еден број годишно, претставени се најрепрезентативните и најмаркантните публикации, едиции, издавачки проекти и манифестации поврзани со книгата и издаваштвото.

– „Издаваштво“ е замислено и конципирано како списание што ќе придонесе за презентирање и афирмација на издаваштвото и на издавачката дејност во земјата… Во годината што измина се реализираа бројни издавачки проекти… тие во себе го носат духот на ова поднебје во кој се вткаени длабоки цивилизациски вредности, наведува во воведот редакцијата на списанието.

На страниците од списанието се објавени текстовите „Востоличување на македонските автори на светската книжевна мапа“ од Јовица Тасевски-Етернијан и „Чудесна шестјазична светска премиера на македонската литература“ од Бранко Цветкоски за капиталниот издавачки проект „Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици“.

Поетот и критичар Санде Стојчевски ги претставува најзначајните нови поетски книги, а романсиерот Блаже Миневски има приредено колаж од куси прикази на најинтересните романи објавени на македонски јазик во 2016 година. Проф. д-р Фатмир Сулејмани се осврнува на современата албанска книжевност, а во списанието е претставена и книгата од авторите Назли Рана и Зеки Ѓурел од Турција посветена на творештвото на писателот Илхами Емин.

Во првиот број на списанието е објавен и освртот на проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски за прозната книга од рускиот епископ Тихон Шевкунов, чиј превод, издавање и промоција предизвикаа голем интерес кај македонската читателска јавност. Специјален гостин во првиот број на списанието е познатата естрадна уметничка Викторија Лоба, која се појавува на насловната страница, а во рубриката „За книгата со љубов“ читателите можат да го прочитаат нејзиното искажување за тоа какво значење има книгата во нејзиниот живот, кои книги ѝ оставиле посебен впечаток и зошто смета дека е важно да се чита.

Во првиот број, меѓу другите, поместени се и текстови за придонесот што во македонскиот книжевен растеж го има дадено списанието за литература, уметност и култура „Современост“, осврти за новиот Правопис на македонскиот јазик што го објави Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, за Светскиот ден на книгата и авторското право и за македонскиот штанд на Саемот на книгата во Париз, како и за презентирањето на саемот на книгата во Пекинг.

Претставени се и манифестациите „Ден на читателот“ и „Денови на светската книжевност“ што ги организира НУБ „Св. Климент Охридски“ со цел да се поттикне и развие културата на читање. Списанието „Издаваштво“ излегува во печатена форма и се објавува на интернет-страната на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Главен уредник е Јовица Тасевски-Етернијан, одговорен уредник е м-р Владимир Илиевски, а членови на редакцијата се Магдица Шамбевска, Викторија Костоска, Блаже Миневски, Милош Линдро и м-р Томислав Каранфиловски. Фотографиите се на Драган Кумев и Маја Мицевска, а графичкиот дизајн и компјутерската обработка е на Јован Стојановски.

Првиот број „Издаваштво“ е достапен на линкот: http://nubsk.edu.mk/images/izdavastvo/izdavastvo1.pdf 

Списанието се печати со финансиска поддршка на Министерството за култура.

Преземено од: http://cooltura.mk/

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s