2 спротивни света.jpgКога за последен пат огромна желба ти беше да царува мирот и сите зли работи да престанат? Многу често си го посакуваш тоа, нели? Па како да не си го посакаш кога секојдневно се соочуваме со некоја природна и неприродна катастрофа од огромни размери. Овде не мислам на земјотреси, цунами и вулкани и слично, во неприродни катастрофи спаѓаат сите оние катастрофи кои се направени од човечка рака, оние катастрофи кои со себе носат реки солзи, тага, болка и гнев. Тие кои крвопролевањето го сметаат за нешто обично, оружјето што го користат како играчка, оние чии детски надежи и животи не им значат воопшто, ниту пак дали некое дете ќе остане сираче или без храна и вода или во краен случај ќе загине, е тие се неприродна катастрофа која треба да се прекине, еднаш! Зошто ви го пишувам ова вака на крајов на 2016та година? Затоа што знам дека сите вие без исклучок, во вашите желби за следната година сте си посакале мир, и зошто знам дека мирот во глобални размери ни е многу потребен, на секој човек од најстар до најмлад. А, како ќе растат најмладите ако уште од мали нозе се соочуваат со неправди, злоба, злосторства и катастрофи од секакви размери споменати погоре? Како да им создадеме безбедна иднина на идните генерации, кога ни оваа сегашнава не стои баш на рамно, се клати на моменти и никако не е стабилна?
Како да ја направиме утрешнината подобра ако не сме способни да си го направиме сегашниот миг и денешниот ден подобар? Знаете, нема место за обвинувања, нема место за барање на виновници, зошто премногу ќе бидат означени како виновни, а светот тоа нема да може да го поднесе. И сепак, стојам на тоа дека постојат два спротивни света (оваа мисла не е поврзана со името на самиот блог, зошто таму има друго значење), два спротивни света од кои едниот е полн со добрина, а другиот со зло. Во последно време почна да преовладува и да царува злобниот свет, а ние стоиме како беспомошни и мислиме дека сѐ е отидено поѓаволите…Тој свет полн со добрина што преостана, ми дава надеж дека може пак да царува и да му го заземе местото на злобниот свет. И не, ова не е бајка, нешто што не може да биде вистина, само ќе биде потребно многу време за да стане реалност. И, ние мораме да се потрудиме да го вратиме добриот свет на пиедесталот правејќи добри работи, а пред сѐ исполнувајќи ги сопствените мисли со позитивни мисли, после тоа продолжуваме со споделување на исклучиво добри нешта со сите останати околу нас. Звучи премногу оптимистички нели? Тука е клучниот момент, зошто доколку не го задржиме оптимистичниот став, уште од самиот почеток му го препуштаме тронот на злобниот свет и сите злобни нешта што ги содржи во себе! Не, ова не е парола на некоја нова реклама! Не е ниту мисла прочитана од книга иако верувам постои слично мислење во некоја од многуте, не е мото на некоја секта, не е религиски постулат, не се трудам да биде проповед, туку со вас го споделувам мојот личен став со кој верувам повеќето ќе се согласат, а оние што не се согласуваат веројатно ќе му се препуштат на злобниот свет заплеткувајќи се во неговите канџи од кои никогаш нема да се извлечат. Звучни злобно? Верувајте, не сакам така да звучи. Напишав погоре зошто. И, сега кога го читате ова си викате која е целта на целиов текст? Зар, може да се постигне нешто со седење и пишување на статии, објави, постови и текстови, доколку не му се придаде некое значење на напишаното? И еве да речеме дека го прочитавте секој збор од почеток до овде и сигурна сум дека до вас допрел барем еден збор од овој текст. Зошто ова го мислам? Затоа што сте човечко битие и имате емоции во вас, емоции кои чекаат да бидат искажани, покажани и споделени. Ако сметате дека овој текст нема никаква цел и нема да го направи светот подобро место, во право сте. Зошто? Затоа што ако остане незабележан, исто како да не бил напишан. Ако сметате дека се согласувате со поголемиот дел од напишаното, ставете ми до знаење и ако мислите дека е вредно да се пишува и зборува за промени во светот, пак сте во право! И јас лично ќе се потрудам да направам некаква минимална промена, со сопствен придонес. За почеток, со пишување на лични размисли околу тоа прашање.
И ставете ми до знаење дека сте загрижени во каков свет живеете, и во каков ќе сакате да живеете! Ставете ми до знаење доколку се согласувате дека овде не се обидувам половина час да „млатам празна слама“. Доколку мислите дека еден чекор за подигнување на свеста ќе биде споделување на мисли кои се обидуваат да внесат некоја промена, вие сте на правото место и не сте ги потрошиле залудно минутите читајќи ги овие редови.
Мислам дека доста ви напишав како за прво обраќање на тема „подобар свет“, и како за крај на оваа година, посакајте си да го направите светот подобро место за живеење, а верувајте тоа го правите со вашето постоење и со позитивните мисли кои треба да ги ширите, со вашите добри постапки и хумани акти. Да му покажеме на светот дека се грижиме за него, дека нема да биде во погрешни раце и дека ќе му помогнеме на доброто да завладее!
Да го обоиме сивилото, обојувајќи ги сопствените животи во весели бои.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s