Друштвото на писателите на Македонија денеска, 19 декември одбележа 95 години од раѓањето на Блаже Конески со средба на генерации на која дваесетина поети-членови на ДПМ читаа стихови од Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација…

Претседателот на ДПМ Веле Смилевски истакна дека ДПМ на роденденот му оддава почит на големиот поет, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист и преведувач Блаже Конески кој со својот богат и разновиден опус оставил длабоки траги во повоениот развој на македонската литература и во областа на науката за јазикот.

– Без сомнение е дека Блаже Конески е најблескавата творечка вертикала на македонската литература и култура во втората половина на 20 век. Тој е еден од основоположниците на Друштвото на писателите на Македонија и прв претседател на македонската писателска асоцијација, формирана на 13 февруари 1947 година, што беше почеток меѓу низата други почетоци со кои се градеа основите на идниот севкупен растеж на тогаш младата македонска држава, рече Смилевски.

Покрај раѓањето (Небрегово, 19 декември 1921) со средбата на генерации беа одбележани и 23 години од смртта на Конески (Скопје, 7 декември 1993), како и 67 години од неговата прва објавена стихозбирка „Земја и љубовта“.

Смилевски нагласи дека поетската средба е во духот на стихозбирката „Послание“ од 1987 која ја нарече тестаментална книга затоа што е исполнета со резимирачки знаци за животното и творечко искуство на еден исклучителен автор – поетот Блаже Конески.

Собирот се одржа на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, симболично покажувајќи дека Конески со својата дејност ја продолжил традицијата на св. Климент. Од име на вработените и студентите на Педагошкиот факултет, проф. Мито Спасески се заблагодари што се домаќини на ДПМ во одбележувањето на годишнината за Конески и дека се почестени и горди поради тоа.

– Дотолку повеќе што Друштвото на писателите на Македонија го поимаме и чувствуваме како духовен и творечки столб и атрибут на државотворноста, рече Спасески.

Песни од поетските книги на Конески читаа поетите: Раде Силјан, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Ресул Шабани, Кристина Николовска, Мито Спасевски, Јусуф Едип, Жарко Кујунџиски, Христо Петрески, Делвина Керлуку, Иван Антоновски, Александар Поповски, Драгица Најческа, Иван Чаповски, Олга Панкина, Стојан Тарапуза, Марина Мијаковска, Александра Велинова, Стефан Марковски, Ана Бунтеска и Анита Бошкова.

Во пресрет на одбележувањето на јубилејот во февруари, претседателот на ДПМ соопшти дека во седумте децении постоење во Друштвото членувале 540 писатели од многу генерации, автори со различни естетски определби кои творат во сите жанрови.
Преземено: Cooltura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s