35b6b1088c647028bd2db6e6c5733cad

Времето не постоеше во неговата планета. За него сета таа временска димензија беше нешто непознато, невидено и нејасно. Што е тоа време? Зошто сите зборуваа за часови, минути, секунди? Зошто сите викаа: „ајде побрзај немаме време“ или „ајде доаѓај, време е да тргнеме“? Му беше чудно како сите тие човечки суштества се потпираат на нешто што не го гледаат, и нешто што реално не постои, туку имаат можност да го прочитаат од некоја направа, за него непозната, наречена часовник. Никакви часовници и мерења на времето не му беа познати и му стана интересно да посматра од страна како луѓето реагираат во одредени временски периоди.
Ова што го откри беше новост која страшно го заинтересира и сакал или не, мораше да се прилагоди на новата средина. Не ни помислуваше дека ова патување на Земјата ќе биде олку возбудливо и полно со откритија.  Одлучи да направи мал експеримент околу тоа прашање.
Седна на една клупа и реши дека секој трет минувач ќе го прашува колку е часот правејќи се дека нема каде да провери (а и навистина не можеше да провери зошто немаше никаква направа која покажува точно време).
Едно момче кое немаше повеќе од дваесет години имаше нешто ставено на уши, не погледнуваше ни лево, ни десно, а кога Ветерот му се обрати, не го ни забележа, зошто всушност не можеше да го чуе од слушалките од кои трештеше гласна музика, меѓутоа Ветерот тоа не го знаеше и не му беше јасно зошто момчето се направи дека не го слушна.
Овие луѓе навистина се чудни, си помисли. Реши да си ја проба среќата после неколку минути. Сега поминуваше еден господин со рацете во џеб, и се чинеше дека има доста време на располагање затоа што се движеше во нормален ритам.
Тогаш, Ветерот му се обрати: „Извинете, ќе може да ми кажете колку е часот?“
Човекот го погледна бледо и со неочекуван непријателски тон му рече: „Зар навистина мислиш дека имам време да разговарам со бездомници? Моето време е скапоцено стари, подобро најди прашај некој друг!“
Ветерот знаеше дека луѓето на оваа планета беа зафатени, ама дека можат да си го купат времето и дека тоа им го диктира целиот ден, па и животот глобално, не знаеше.
Реши да се обиде и по трет пат.
Овој пат покрај клупата поминуваше една средовечна жена која делуваше заинтересирано за тоа што се случува околу неа, а не како останатите кои беа во некој свој свет, загрижени и преокупирани со своите мисли.
Извинете, ве замолувам, ќе може да ми кажете колку е часот?
Тогаш жената која претходно го забележа Ветерот како седи на клупата како да очекува некого, му се обрати со нежен тон: „Сега е точно време да станете од клупата и да појдете да прегрнете некој кој многу ви значи, можеби нема да имате многу прилики, искористете ја секоја шанса!“
Ветерот повторно по којзнае кој пат беше изненаден, но сега многу пријатно, зошто не очекуваше ваков одговор.
Додека таа се оддалечуваше од паркот, си помисли на сите негови браќа и сестри кои се наоѓаа на друга планета.
Ех, само да знаеш колку сум тука осамен. Ова треба да им го речеш на сите луѓе на Земјата околу тебе, зошто јас тука немам никого, а вие кои имате, се однесувате како да имате уште три живота пред себе. Сакаше ова да ѝ го рече за да може да го слушне, но само тивко го изусти на глас и никој не го чу.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s