chestnuts
печени костени

Секојдневно мораше да пешачи добри 7км за да стигне до градот на местото каде ги продаваше своите печени костени. Мораше да се разбуди уште во 5 часот за да тргне кон градот затоа што требаше да помине добар час и половина во чекорење. Токму пред 7 часот тој си ја местеше својата опрема и веќе ги очекуваше луѓето кои поминуваа тука да застанат и да си купат понекој печен костен, за да може да си го извади лебот за дента, па и можеби за наредниот ако имаше повеќе купувачи. Имаше еден интересен детаљ за овој продавач. Тој секогаш беше придружен од неговото куче кое го чуваше веќе 10 години. Кучето уште од првиот ден кога почна да продава костени секогаш одеше по својот господар, и секогаш стоеше до него додека не заврши со работата предвидена за тековниот ден. Продавачот имаше одредена количина на костени што ги печеше во текот на еден ден, но зависеше и од тоа кој ден од неделата е. За време на викенд имаше поголем број муштерии затоа што градот тогаш некако беше пораздвижен, иако речиси секогаш се враќаше празен затоа што за среќа успеваше да ги продаде речиси сите кои ќе ги понесеше со себе.
Продавачот на костени живееше сам во приградската населба. Неговата жена го напушти пред 10 години откако им ја одзедоа куќата во која претходно живееја поради некои фамилијарни нерасчистени сметки, а со себе ги зеде и нивните три деца кои тогаш беа малечки. Од тогаш никогаш повеќе не ги виде. Жена му не можеше да го поднесе товарот кој тогаш ѝ изгледаше голем за кој не можеше да предвиди дека ќе стане уште поголем затоа што ги осуди нејзините деца да растат без татковска фигура. Преку нејзини познаници замина во странство како самохрана мајка, се вработи во некој ресторан во кујна и во меѓувреме дома приготвуваше слатки кои ги продаваше најчесто по нарачка, но тука многу ѝ помагаа соседите кои ја препорачуваа кога некому ќе му притребаа готови слатки за некоја пригода. Така некако успеваше да ги прехрани и да ги школува. Живееја скромно, но со огромна лузна, со една празнина која не можеше да се пополни, и тоа по нејзина вина. Не можеше да си прости, но и не можеше да се врати иако многупати посакуваше. Не можеше да го погледне во очи човекот кој толку сурово го остави без збогување. Не се обиде ни да го разбере, ни да му помогне заедно да изградат нов дом. Додека тој почна да збира костени и да ги препродава и во меѓувреме им помагаше на соседите околу одржување на лозјето и обработка на нивите за кои добиваше дополнителен денар од кој се прехрануваа, таа го кроеше планот да си замине затоа што не можеше да поднесе да живеат под милоста на некоја негова далечна фамилија и тоа привремено. Се плашеше дека после тоа ќе останат на улица. Едно утро кога се подготвуваше да замине во градот се разбуди сам и некако куќата беше необично тивка, ама си помисли така е затоа што сите спијат. Мислеше жена му станала да се напие вода или да изврши физиолошки потреби, па не обрна внимание. Кога влезе во собата каде што спиеја нивните деца каде што имаше навика да влегува секогаш пред да излезе рано наутро за да ги бакне пред да замине, виде дека е празна.
Тогаш се вознемири, и ги побара во другата соба на катот, но и таму не беа. Кога виде дека скромните плакари се празни не му се веруваше што се случува и беше збунет. Сакаше да знае што се случува, не беше претходно предупреден за ништо слично, ниту можеше да претпостави каде се, ниту пак го очекуваше ова. Се врати назад во собата каде што спиеја со жена му и погледна уште еднаш на местото кај што беа нејзините алишта. Беше празно. Каде заминале сите, си помисли.
И додека се чешаше по главата погледот му застана на еден бел лист хартија кој беше ставен на нејзината перница. Претходно не го забележа затоа што имаше иста боја како и перницата и затоа што не се испули убаво. Го зеде листот и на него прочита: „Заминавме засекогаш, немој да не бараш повеќе. Не можам да го издржам притисокот и да ги поднесувам тие погледи кои прашуваа кога ќе си заминеме. Не можам да живеам на туѓ грб. Прости ми.“
Човекот се скамени. Не им веруваше на своите очи, па го препрочита „писмото“ уште еднаш. Се прашуваше зошто претходно никогаш ништо не му спомна околу тоа. Сигурно ќе најдеа решение ако разговараа, ако му кажеше. Сѐ можеше да биде поинаку. Ќе најдеа начин да заминат од тука, а таа си замина на најкукавички начин.
-Ми работела зад грб и ова го планирала некое време без да знам!
Ни во најлудите соништа ова не би го очекувал од неа. Се обиде да се смири и да ја разбере, ама како се осмелуваше да му ги земе децата и да ги однесе со неа и да го осуди да живее без нив, и да му забрани да ги побара. Каква смелост и дрскост, си помисли.
Излезе надвор да го нахрани кучето кое оттогаш стана негов неразделен пријател зошто тоа можеше ја осети неговата тага и осаменост. Се помири со реалноста. Знаеше дека никогаш нема да собере доволно пари за да ги побара, па тивко се издиши, поразен и повреден.
Оттогаш изгуби многу килограми и ретко јадеше, мислите му беа во неговите три зрна надеж поради кои ги отвораше очите наутро и се бореше со сите сили за нив да ги нахрани. Сега веќе немаше потреба да храни никого освен неговото куче. И купувачите кои ги јадеа неговите печени костени. Продолжи да го работи тоа затоа што мораше некако да преживее. Работеше и други сезонски работи кои му носеа дополнителен приход, па при секоја можна прилика оставаше нешто настрана за да ги заштеди. Откако тие заминаа тој се пресели во една колиба која ја изгради заедно со неговите роднини кај кои привремено престојуваа со жена му и децата. Кучето никогаш не го напушти. Му ја чуваше колибата и секогаш го придружуваше. Му беше верен сопатник веќе десетта година. Неговиот најстар син имаше 18 години и веќе беше полнолетен. Којзнае дали се сеќаваше сега на татко му, сигурно заборавил како изгледа и нема да може да го препознае. Размислуваше дали некако ќе може да стапи во контакт со него, но немаше никакви информации. Контактот со фамилијата на жена му го имаше изгубено, а немаше ни сили да преговара со нив да му дадат било каква информација затоа што знаеше дека таа им имаше забрането да кажат било што.

Еден ден после напорниот ден, кога се врати дома додека му даваше на кучето повторно да јаде доби неочекувана посета. Тоа беше социјален работник од Центарот за социјална работа кој му кажа дека неговиот син се распрашувал за него, односно за човекот со тој идентитет за кој тврдел дека му е татко. Откако ја провериле точноста на информациите, дознале каде се наоѓа и го посетиле. Му кажаа дека неговиот син сака да дојде на посета кај него и да го види, прашувал каде се наоѓа и дали ќе сака да му се јави на бројот кој социјалниот работник му го даде. Не им веруваше на очите и на ушите. Па, тоа беше неговата долгогодишна желба! Го зеде бројот и му се заблагодари на човекот.
Конечно, после неколку телефонски разговори следниот месец се случи нивната прва средба после една цела декада.
Многу работи се промениле во меѓувреме, но тој си го позна својот јунак уште во толпата луѓе. Многу личеше на него и му беше прво дете. Долго разговараа, разменија многу информации и му кажа за двајцата браќа дека се добри, но не смееја да патуваат без дозвола од мајката, а таа не сакаше да ги пушта нив сами со брат им.
Тоа му беше доволно. Самата помисла дека постојано мислеле на татко си, дека постојано скришно од мајка им разговарале за него и правеле планови како ќе се сретнат со него му даваше голема надеж дека сега почесто ќе ги гледа. Најстариот брат им вети дека кога ќе заработува доволно ќе му помогне на татко им.
Најбитното се случи: тие повторно се сретнаа после толку време, и од тој момент повеќе ништо не беше исто.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s