toom-old-lady

Еден ден кога ќе се погледнеш во огледало на лицето ќе видиш една нерамнина на кожата највидлива околу очите и ќе се сетиш…Таа нерамнина на кожата или дамка од насмевка ќе биде видлив доказ дека некогаш си се смеела, си се муртела, со еден збор си живеела. Нема да престанеш да живееш кога ќе ги приметиш првите дамки од насмевки, но нема да ти биде сеедно. Нема да ти биде сеедно ни кога ќе ја почувствуваш лузната која времето ја создало самото од себе…
Триесет години претходно
Се будиш во топла и мека постела со оптимистички и надежен дух и брзаш за да го „зграпчиш“ денот како што доликува. Се подготвуваш со ред со сите утрински ритуали без кои не може денот да започне, ги облекуваш најудобните, а не најмодерните алишта што ги имаш во плакарот затоа што ти е важно да се чувствуваш комотно во текот на целиот ден и спремна си за „поход“. Во меѓувреме, во трка со времето забораваш да запреш, да си дадеш оддишка, да земеш воздух… Постојано некаде брзаш небаре те брка некоја недефинирана машина која ќе те проголта ако не ги исполниш обврските навремено. Така некако се чувствуваш постојано и бараш другите да те разберат затоа што претпоставуваш дека и тие со истото се соочуваат.
Всушност, многу добро знаеш дека ти треба духовен мир, и пробуваш да го постигнеш, но физичката исцрпеност те совладува и тешко успеваш да постигнеш баланс помеѓу тие двете. Се наоѓаш себеси како размислуваш дека ти треба одмор од една цела година, чисто да се одмориш од животот. Впрочем, секому треба одмор од реалноста каде што ќе биде потполно изолиран од вообичаените случувања барем на краток период, за да се наполни со енергија, за да ја одмори и душата, а не само телото, за да се препороди и да биде подготвен за нови предизвици кои обичниот ден му ги сервира.
Денешниот ден освен брзње ѝ донесе и неизмерна среќа затоа што конечно го заврши проектот за кој толку напорно работеше, поради кој си го жртвуваше сонот и во име на сите непроспиени ноќи реши дека треба да наздрави за успехот кој нејзе многу ѝ значеше. Реши да му се јави нему за да го покани на вечера на нејзин трошок за да прослават. После вечерата во разговорот што го водеа сфати дека ужасно му недостигала. Тој беше исто толку среќен за неа и му се радуваше на нејзиниот успех, но конечно одбра зборови со кои можеше да ѝ објасни колку многу се жртвувала самата, колку патела нивната врска поради работните обврски, колку моменти во кои можеле да уживаат заедно биле залудно поминати. Тогаш како да ја полеа некој со кофа полна со ладна вода. Ова и дојде неочекувано, но проклето добро знаеше дека тој има право делејќи го истото мислење и му вети дека ќе успори. На крајот знаеше дека кариерата колку што е важна исто толку не смее поради неа да се жртвува приватниот живот. Затоа што кариерата има крај како и сите други нешта, убаво е кога те исполнува и си материјално обезбеден, но никогаш нема да ти даде топлина каква што може да ти даде искрената прегратка. Беше потполно свесна дека никој не може да ѝ го врати времето што изминало, па реши периодот што доаѓа да го прифаќа со помалку брзање и помиување моменти на среќа со оние што ѝ значеа живот.

Сегашен момент
Се погледна во огледало гледајќи ги „дамките од насмевки“ кои се викаа брчки и се насмевна. Кожата ѝ се растегна и брчките дојдоа до израз. Беа сведоци на едно минато време кое не може да се врати и старицата тоа добро го знаеше, но беше среќна. Зошто сите ја немаа таа привилегија кога ќе се погледнат во огледало да видат дамки од минатото затоа што се збогувале со светот многу рано, што е неправедно. Зошто знаеше дека сите кои можеа да ги видат тие нивни дамки, остатоци од некој убав период и трага од нивната младост, ги сакаа подеднакво колку што ги мразеа. Ги сакаа затоа што ги потсетуваа на моментите кои им донеле насмевки, моментите кога се грижеле за другите, кога биле лути и смуртени и толку безгрижни колку и полни со обврски. Ги мразеа затоа што беа во последната етапа од животот и дека за некое време после подолг или пократок период ќе мора да се простат од овоземскиот свет и тоа колку што ги исполнуваше со очај, исто толку ги исполнуваше и со некоја празнина, неизвесност, љубопиност и душевен мир.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s