Нема ништо попривлечно од тоа кога човекот е потполно свесен за своите квалитети и знае да се вреднува себе без да ги омаловажува останатите. Вака некако би ја опишала самодовербата. И право да ви кажам, самодовербата не е едноставна работа, а посебно нејзиното градење не е воопшто лесно. Потребни се години и години за да се изгради, за да се зацврсти и уште поголем напор за да се задржи и негува. Ова сигурно делува познато од некаде зошто горе-долу сите го имате доживеано и почувствувано на своја кожа. Знаете, во последно работите се променија на големо. Самодовербата почна да се гради на поинаков начин, и да е штетата уште поголема може многу брзо да се изгуби затоа што не е стекната правилно. Во случајов мислам на она кога на одредени поединци самодовербата им расте правопропорционално со бројот на лајкови на нивната „селфи“ слика. Да, да, дотука сме. Колку е сликата „полајкувана“ толку повеќе се зголемува самодовербата на поединецот што ја прикачил, и работата е појдена до таму што бројот на лајкови е мерило за убавина, односно така некои поединци си го толкуваат „значењето“ на една обична опција на „фејсбук“. Сега прашањето зошто толкава фама и опишување на една секојдневна работа од денот на еден обичен смртник кој поминува пред екранот од компјутерот минимум 3 часа. Зошто? Затоа што не сме ни свесни колкаво е влијанието од социјалните мрежи и времето кое го поминуваме на нив и колку тоа влијание има улога врз нашето целокупно функционирање па и расположение во текот на денот. Длабоко во потсвеста ни се врежуваат сите работи кои сме ги виделе и прочитале, а не сме свесни дека некогаш тие се од пресудно значење за некоја наша одлука. Затоа мислам дека е редно да им се посвети одредено внимание затоа што не се сфатени сериозно, а можат да бидат причинители на сериозни одлуки и настани. Кога би се анализирало површно функционирањето конкретно на социјалната мрежа „фејсбук“ во кратки црти тоа би изгледало вака: еден албум полн со слики од најразлични луѓе вклучувајќи ги и твоите, од блиски личности до непознати кои никогаш во животот ги немаш сретнато, реклами кои постојано се појавуваат на „почетна“ и потсвесно ти викаат: „купи го тој производ само затоа што е лајкуван и поддржан од 2543 корисници“ или „мораш да ме купиш затоа што ќе продолжам да се појавувам додека не ја променам твојата одлука“. Вака некако ги доживувам рекламите. Всушност целиот фејсбук ти е една голема маркетиншка мрежа каде познатите се рекламираат за поголема популарност, се натпреваруваат по број на „допаѓања и следбеници“, рекламираат производи и си заработуваат од рекламите, додека одредени брендови те убедуваат дека се најдобри, трети ти продаваат совети за нега на кожа тврдејќи дека нивните производи се магични и никој друг производ не дава ефект како тие. Во принцип, целата плаво-бела социјална мрежа ти овозможува да видиш што се случува со луѓето кои ти се пријатели дури и кога тоа воопшто не те интересира затоа што постои тренд „да се биде означен“ на местото кај што си или каде си тргнал, што правиш, што јадеш, што пиеш, што слушаш, како се чувствуваш и слично. Кога ќе ги додадеме „четот“ и опцијата за „видео разговор“ станува повеќе од јасно дека ти можеш да се поврзеш буквално со кого сакаш и кога сакаш во секое време. Тоа е една од причините што создава чувство на зависност затоа што ти овозможува да се чувствуваш „социјализиран“ без да мрднеш од фотелја. И на ова кога ќе додадеме дека имаш можност да пишуваш „статуси“ и да го искажуваш своето мислење, револтот, идеите, да си поставиш прашање на кое сигурно ќе добиеш некаков одговор, притоа читајќи туѓи статуси и можност да коментираш на истите, членувањето во најразлични „групи“, здруженија и најразлични „собири“, организирање на „настани“ кои ти даваат чувство на припадност и заедништво станува јасно дека луѓето кои работат на оваа мрежа се доволно паметни, многу добро знаат што прават и ненормално добро ја познаваат човечката психологија. Се прашувам дали ако воопшто некогаш престане да постои „фејсбук“ што ќе биде следно што ќе има иста цел како него, а ќе биде презентирано на поинаков начин. Иновации постојано се случуваат, нема да изненади ако се појави нешто сосема поразлично во следните десет години, а со иста намена, затоа што луѓето трагаат по нови работи и им станува здодевно што не е ни чудно што постојано се случуваат промени во самата мрежа од самиот почеток до денес. И не само таму, промени се случуваат насекаде околу нас, што е многу нормално и природно. Се стремиме кон повисоки цели, кон нови нешта кои ќе ни дозволат да растеме како личности заборавајќи дека некогаш правиме работи кои ни се спротивставуваат на првичната цел. Една пречка за растење како личност е токму непрепознавањето на сопствената вредност доколку не се добие „позитивен“ фидбек од пријателите гледано преку презентираниот пример погоре за самото функционирање на плаво-белата мрежа која тивко и сосема плански и ненаметливо се вовлече во животите на голем број поединци. И моментот кога некој ќе каже дека нема „фејсбук“ профил кога го гледаат како да паднал од Марс е сосема неправеден. Тука повторно може да се види огромното влијание кое се толкува вака: „за да бидеш во тренд и прифатен од другите, не смееш да се двоиш од мнозинството, слепо ја следиш толпата и се обидуваш да бидеш активен за да не бидеш заборавен“ и секој кој не се придржува до оваа премиса е чуден и дефинитивно отскокнува од останатите, и веројатно „нешто му фали“. Епа тоа е сосема погрешно тврдење затоа што тоа е прашање на сопствен избор, зборува за автентичноста на човекот, неговата одлука не смее да биде ниту осудувана ниту критикувана само затоа што одлучил на интернет да функционира на поинаков начин од останатите. Тоа не значи дека сега сите треба да ги деактивираме профилите и да бидеме автентични, туку да ги почитуваме туѓите одлуки без осуди и критики и да не заборавиме да останеме луѓе пред сѐ во реалноста, затоа што на „фејсбук“ лесно можеш да одглумиш и да презентираш нешто што не си, но вистината е таа која секогаш ќе постои за да те побие и која на крај испливува на површина.
Има уште многу да се зборува на оваа тема, во кратки црти засега ова би било тоа што сакав да Ви го речам, а вие не дозволувајте капацитетот на вашата самодоверба да зависи од туѓата реакција, многу е важно како вие се доживувате! Бројките, реакциите и коментарите колку и да значат некому, се само обични показатели дека луѓето сакаат да се изразуваат, а некогаш и спротивно на тоа што реално го мислат. Вие вредите многу повеќе од бројот на вашите „лајкови“ и бројот на вашите „виртуелни“ пријатели, зошто многу поважно е кому може да се обратите кога ќе го исклучите екранот од вашиот компјутер и кој е тука да ве сослуша и да ви даде искрен „коментар“ онака од прва рака, и тоа во лице, да!
Благодарение на „фејсбук“ вие можете многу полесно да стигнете до овој текст или до било која друга информација! Не е сѐ негативно зошто се покажало дека сепак постојат и позитивни нешта кои всушност го одржуваат во постоење. И веројатно позитивните повеќе преовладуваат колку и да изгледаат бесмислено понекогаш. Затоа што кога еднаш ќе влезеш во канџите на плаво-белата мрежа, тешко дека можеш лесно да излезеш. Голема е веројатноста и после излегувањето повторно да се заплеткаш во бесконечната мрежа која постојано се плете и ти нуди најразлични опции. Да живее „фејсбукот“ и да живее разумот!
До следно, останете самоуверени!
Self-Esteem-Self-Confidence-Healing

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s