Инспирирана од секојдневието решив да ви пишувам за херојството. Но, не за било кое херојство, не за храбрите подвизи на младите борци кои животи губеле за своите татковини, кои несомнено заслужуваат да бидат спомнувани и запаметени.
Сега, да им дадеме место на сите оние херои во нашите животи кои заслужуваат гордо да ја носат таа „титула“. Не станува збор за фиктивни ликови што ги среќаваме во книги, филмови и стрипови, но и тие таму се инспирирани од вистински луѓе. Кога ќе се спомне зборот херој прво што ми паѓа на памет се тројца ликови. Првиот е татко ми, вториот мајка ми и третиот една многу драга женска личност. Што е заедничко за нив?
Тоа што никогаш не се откажале!
Тоа што секогаш ми влевале сигурност иако ни тие самите некогаш не биле сигурни. Тоа што поднеле многу работи, порази и пречки и повторно се издигнале на нозе смешкајќи им се на проблемите и предизвикувајќи ги. Затоа што нели тие се херои, а тие не се плашат од ништо.
Не постои ништо на светов што би можело да ја урне нивната сила, борбеност, посветеност, а богами и мојата слика создадена за нив. Како што минува времето ги разбирам сѐ повеќе, а и продолжувам да им се восхитувам. Не го промениле светот, но во минатото и те како ми ги отвориле очите и влијаеле на промена на некое мое мислење. Не постигнале светска слава (славата не те прави херој) за да бидат „величани“ нивните „подвизи“, ама за мене тие се луѓе чии животи треба да се слават!
Сечиј живот е вреден за славење, а оние кои во вашите животи се херои, почитувајте ги, зошто навистина го заслужуваат тоа. И вие еден ден ќе бидете нечиј херој. А, денот кога ќе го дознаете тоа и ќе ви биде признаено, би требало да се почувствувате гордо и благодарно. Нема подобар комплимент од оној кога е кажан искрено, а е наменет да ви укаже дека вашата приказна некого инспирирала.
Сите ја пишуваме нашата приказна, некој со читлив, некој со помалку читлив ракопис, некој се обидува да ги поправи грешките со гума, некој не запира во пишувањето, ама добро е додека го држиме моливот и продолжуваме со пишување.
Кога моливот ќе ви се скрши нашилете го повторно, ако не се шили заменете го со нив, но не престанувајте! Кога ќе се откажете од обликување на вашата приказна, сте се откажале од самите себе. Потсетете се на вашите херои. Тие не се откажале, нели?
Да се откажале немаше да бидат тоа што се денес. И најверојатно немаше да бидат толку храбри какви што ги знаете, а и паметите. Причината поради која еден човек за вас претставува херој не мора да биде којзнае каква.
Некогаш доволно е само тоа што ви биле рамо за плачење и најголема поддршка. Сознанието дека некој секогаш ќе биде тука за нас го прави голем во нашите очи.
Тоа проследено со останатите постапки резултира во создавање една слика на голем човек на кој со гордост му се воодушевувате. Херојството не познава пол, возраст и граници. Помислете само како си го нарековте „херој“ детенцето што успешно го победило ракот или детенцето кое се грижи за куче кое било напуштено или слични примери кои побудуваат кај нас пријатни емоции. Херој може да биде и дедото кој секој ден ѝ покажува на бабата дека ја сака како и првиот ден, и не само што ѝ покажува туку и докажува.
Херои се жените што се борат за своите права и што го бранат своето достоинство, а херои се и мажите кои ги почитуваат нивните права.
Херој е оној кој не се плаши да биде различен, кој отскокнува во толпата, ама не се плаши да ѝ се приклучи затоа што знае дека ќе придонесе со својата различност.
Херои се и оние кои биле повредувани на секаков можен начин и успеале да се „излечат“ од болката. Херој е мајката што те донела на свет, верувај! Можеби во туѓите очи таа е никој и ништо, ама на оној кој го донела му претставува цел свет!
Почитувајте ги вашите мајки секој ден, не само на одреден датум затоа што е прогласен за меѓународен и затоа што сите тогаш како да се „свестуваат“ за важноста на жената. Херој е оној кој останува во твојот живот и кога немаш што да понудиш освен твоето време и присуство. Херој е оној кој покрај раните и лузните продолжува понатаму како никогаш да не бил ранет. Херој е оној кој ја сфаќа важноста на своето постоење, а притоа не го потценува туѓото и знае дека сечиј живот вреди бесценето. Херој е оној кој борејќи се со своите демони ти помага да се избориш со твоите.
Херој е оној кој никогаш нема да ја искористи во своја полза твојата брутална искреност, туку напротив ќе ја цени и ќе те почитува уште повеќе! Херој е оној кој без солзи ја раскажува својата приказна и тоа не му претставува проблем иако душата веќе се наполнила со проголтани солзи. Херој е оној кој издржува до крај и никогаш не се предава! Па, да. Сега дури сфатив дека јас си сум херој на самата себе. Покрај тие тројца, пишувајќи сфатив дека самата на себе сум си најголемиот херој. Знам дека и вие можете да го пронајдете херојот во себе. Затоа што хероите ги има насекаде во вашето опкружување. Се борат со битки за кои не сте ни свесни дека постојат, се борат со сите сили што им се на располагање, од внатре чиниш се распаѓаат, но никогаш не подлегнуваат на пораз. Никогаш. Затоа што се херои. Затоа што за нив вреди да се пишува.

fyt2jjkp

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s