Драга ТИ

Знам дека сега можеби си ме заборавила или твоите чувства кон мене се избледени, но цврсто верувам дека се сеќаваш на она момче од тоа лето кое ти го смени животот. Се одлучив да ти пишам после подолг период, па иако можеби сега му припаѓаш на некој друг и носиш веренички прстен сметам дека оваа моја исповед кон тебе ти ја должам во чест на се’ што поминавме заедно. Од старт те предупредувам дека не сакам да бидам причина за несогласувања помеѓу тебе и твојот иден сопруг, туку ти пишувам во знак на љубовта која и покрај се’ е вечна и знам дека никогаш никоја нема да ја сакам како што те сакав тебе. Долг период без наша волја животните патишта ни се разделија, но ако веруваш секое утро се будев со надеж дека ќе те сретнам повторно. Сеуште го паметам денот кога те видов за прв пат. Длабоко се нурнав во тој кафен поглед и знаев дека ќе морам да те освојам. Го паметам твојот мирис на ментол, ја гледам косата како ти се вее на летното сонце, а ти го тргаш праменот кој ти смета додека јас те посматрам и со замижани очи ти се смешкам. Неделата што ја поминавме заедно покрај брегот беше најпрекрасната недела во мојов живот. Нашите вечерни прошетки покрај плажата, долгите ноќни разговори и сите мигови кои ги поминавме заедно сеуште ме потсетуваат на тоа колку силно можат двајца да се љубат. Секогаш кога ќе ја видам полната месечина што ја гледавме заедно се потсетувам на НАС и на старите добри времиња кои за жал нема да можат да се вратат. Со насмевка се потсетувам на твојот лик, но секогаш кога ја гледам твојата избледена фотографија ми доаѓа да плачам како мало дете што не успеав да те задржам засекогаш покрај мене. Уште првиот ден знаев дека си посебна. Посебна беше твојата грижа за другите луѓе, полна со разбирање, а твојата широка насмева растопуваше сечие срце. Зрачеше со посебна енергија која сакав секогаш да ме опкружува. Имаше нешто што те правеше поинаква од сите други. После нашата прва разделба секој ден ми се чинеше како вечност и ги броев деновите и часовите кога повторно ќе те видам. На втората наша средба беше уште помагично од нашата прва заедничка недела. И покрај тоа што бевме оддалечени многу километри јас од ден на ден се повеќе те сакав, мојата љубов растеше и самата помисла дека ме чекаш да се вратам од борбените редови ми даваше храброст да издржам. Додека бев во војска деновите беа пеколни, ти раскажував за се’ што поминав таму, но чувството дека имаш некој кој те чека ти дава волја да продолжиш да се бориш и за себе и за оној кој со цело срце посакува да се вратиш жив и здрав. Нашата втора средба на моето отсуство исто ќе ја паметам дур сум жив. Кога останавме сами и го имавме цело време на светот само јас и ти, кога за прв пат телата ни се споија и еден дел од мене засекогаш стана твој, а еден дел од тебе остана засекогаш во мене. Секогаш кога ќе се разделевме како да ми се откинуваше делот од мене, а јас чувствував длабока празнина и секоја наша разделба ми беше како бура од емоции кои ме направија посилен. Знаев дека ќе треба двајцата многу да вложиме ако сакаме да успееме, но нешто ми велеше дека со текот на времето твоите емоции кон мене ќе избледат и покрај тоа што нашата љубов беше толку силна. Секогаш кога ги читав твоите писма ме обземаше чувство на радост и болка. Знаев дека нема да можеш да издржиш уште долго да ме нема затоа што ти требав како поддршка поради пеколниот период низ кој поминуваше, а јас не бев до тебе да те тешам и да ти покажувам колку му се радувам на секој ден поминат со тебе. После третата наша средба веќе ништо не беше исто. Кога последен пат се разделивме, нешто ми викаше дека можеби и тоа ни е последна средба, а длабоко верував дека се лажам самиот себе и дека само ми се причинува од страв да не те изгубам. Верував во твојата љубов, како и ти во мојата. Успеавме да докажеме дека врска на далечина може да опстои подолг период. Никогаш нема да го заборавам твојот тажен поглед кога на моите гради лееше солзи и рече дека не можеш повеќе да ја издржиш болката. Знаев дека секоја наша разделба беше бура од емоции и длабоко не повредуваше и двајцата, но не можев да претпоставам дека тоа ќе биде причината за твоите емоции да почнат да се ладат и дека почнуваше да го губиш трпението. Знам дека ти беше доста од тоа да живееш во страв дека ќе ме изгубиш. Утеха си нашла во твојот најдобар другар за што ми раскажа во твоето последно писмо, знам дека те тешел секогаш кога си плачела за мене и те уверувал дека ќе бидеме заедно јас и ти. Од наши заеднички пријатели дознав дека те побарал за жена, но не го знам твојот одговор. Знам дека тој цел живот беше вљубен во тебе и иако посакувам да му го скршам носот, се радувам што ќе го поминеш остатокот од животот со човек што те заслужува иако сум сигурен дека нема да го сакаш како што ме сакаше мене. После тебе не бев со ниедна девојка, кога го прочитав твоето последно писмо знаев дека секогаш ќе останам сам, бидејќи ниедна не можев да сакам како тебе. Можеби еден ден ќе се оженам со некоја за да имам потомство и ако некогаш имам ќерка ќе ја крстам по тебе. Жалам што не успеавме да остариме заедно како што ти ветив. Ти посакувам се’ најубаво во животот. Некогаш кога ќе имаш внуци, раскажи им за нашата љубов и нека знаат дека далечината е проклета, дека те оттргнува од оној што го сакаш и ти пречи да бидеш среќен со оној кој е далеку. Извини што те потсетив на минатото, што можда во тебе разбудив заспани емоции, но знам дека сакаше да знаеш нешто за мене и цело време се прашуваше што ли правам во животот. Се надевам дека го оствари твојот сон да имаш сопстевна градина каде што ќе одгледуваш цвеќиња, а јас за жал нема да можам да те гледам како ги полеваш и се грижиш за нив. После војската завршив факултет и сега работам во една фирма каде што напреднав доста, па во скоро чекам унапредување. Ништо не се измени многу во мојот живот, само што станав постар и позрел. 😉 Се надевам дека ако некогаш имаме можност да се сретнеме повторно двајцата веќе ќе бидеме со своите семејства, но тебе не можам да ти бидам лут, нема причина. Биди секогаш среќна, иако длабоко во себе посакував да можеме заедно да бидеме среќни тоа веќе сега не е можно. Твоето срце припаѓа на друг, а јас сум само сенка од минатото. Се вратив повторно во твојот живот пишувајќи ти го ова писмо, но тоа беше единствениот начин да расчистам потполно со моето минато и да почнам нов живот. Како да морав да ти пишам за да се убедам самиот дека навистина е крај. И после толку долг период сеуште не можам да поверувам дека не сме заедно. Последниве три години живеев колку да се рече дека сум жив. Ме прогонуваше твојата слика и тагата што ја чувствував дека те немам покрај мене ме убиваше, но покрај се’ продолжив затоа што така беше најдобро за сите. Знам дека никогаш повеќе не ти се случи љубов како нашата и вечно ќе ме паметиш. Спомниси некогаш за мене во убави времиња, спомниси за човекот кој силно те љубеше, а и ти него. Сега го завршувам писмово без барање да ми одговориш. Не очекувам ништо од тебе. Доволно е да го прочиташ и да бидеш секогаш среќна со човекот кој си го избрала.
Ти посакувам се’ најубаво, од срце.
Тој.

images

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s